Во Трубарево при извршување на градежни работи на објект во изградба 52-годишен работник од Куманово паднал од висина и го загубил животот. По несреќата, на местото излегле инспектори од Државниот инспекторат за труд кои извршиле увид и составиле записник. Од инспекторатот велат дека е издадена забрана за работа на објектот каде што се случила несреќата, а постапката за утврдување на околностите е во тек.
„Инспектори од Државниот инспекторат за труд извршија увид, составија записник и издадоа забрана за работа на објектот 28. Несреќата со смртни последици настанала при пад од висина на градилиште на прочистителна станица“, велат од Државниот инспекторат за труд.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека несреќата била пријавена во петокот во 14 часот по што на местото веднаш отишле полициски службеници.
„На 10.07.2026 околу 14:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба при изведување на градежни работи на објект во изградба паднал од висина И.И.(52) од Куманово. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и известен бил трудов инспектор“, соопштуваат од МВР.
Ова не е прва трагедија на градилиште годинава. Пред неколку месеци еден градежен работник загина, а тројца беа тешко повредени откако беа затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода. Случајот ги отвори сомнежите во јавноста дали на градилиштата се почитуваат мерките за безбедност при работа.
Тамара Марковска
