По неколку часа меѓусебни обвинувања, заврши денешната расправа за реконструкција на кабинетот на Ковачевски. Седницата продолжува утре. Опозицијата обвини за уценет влез на Алијанса во Влада, а власта упорно се правдаше дека најважен и` е европскиот пат на државата.
Премиерот Ковачевски посочи дека за него не се важни имињата на новите министри колку што е важно државата да продолжи со својот европски пат.
Од стариот владин партнер, Ковачевски очекува нова енергија, а најважни резултати да покаже новиот министер за здравство.
„Денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата! Дали ќе останеме на патот на прогресот, дали ќе останеме на патот на развојот, на стабилноста и извесноста, на економијата, на енергетиката, на животниот стандард и безбедноста на граѓаните!Или, како што сакаат дел од внатрешните и надворешните негативни фактори, да ја втурнеме државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред! Јас од самиот почеток изборот го направив!“ – изјави Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, преку пратеникот Александар Николовски обвини за политичка корупција и проституција.
Николовски изјави дека овие денови не може да го препознае лидерот на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Тој праша дали се работи за уцена и дали цената на таа уцена е, како што рече, една убава куќа во Тавталиџе, која Таравари ја добил на поклон.
„Зошто дали е тоа цената, затоа што навел дека куќа од 256 квадрати ја платил 150 илјади евра, како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат и дали воопшто тие пари се платени зошто нема трансакција, дали една од цените е куќата. Ако го отворите имотниот лист на министерот за финансии Фатмир Бесими кој му е комшија, а кој пријавил куќа од 410 квадратни метри во вредност од 110 илјади евра. Па како се купува ваква квадратура за оваа цена. Двајцата треба да дадат одговор, а Антикорупциска да испита како се случило ова функционери да плаќаат куќа и квадрат за истата од 200 до 500 евра, а граѓаните за 1000 до 2000 евра квадрат“, рече Николовски.
Нему му реплицираше пратеникот од Алијанса, Халил Снопче, кој оцени дека излагањето на Николовски било, како што подвлече, „параполитика“.
„Параполитика е да зборуваш за правна држава а истовремено да иницираш амнестија за виновниците за настаните од 27-ми април, параполитика е зборуваш за морал а да не се дистанцираш од твојот бивш лидер и соработник, Никола Груевски, параполитика е да зборуваш за чесност а да промовираш нечесна политика, параполитика е да бидеш крадец а потоа да го впериш прстот во другите дека крадат. Параполитика е да не се дистанцираш од тефтерчето на Јанкуловска или Мијалков“ – изјави Снопче.
Пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики-Шаини, изјави дека напуштањето на нивните министри на владата не е резултат на нивни лоши резултати во работата, туку последица на нечесниот однос на премиерот Ковачевски, кој како што рече, заборавил дека поради нивната партија и успеал да формира влада.
Во вестите на Телма во 18.30 за собраниската седница известува Далиборка Демјанска Цветановска.
