Бизнисмен од Мајами, кој е баран во Албанија поради наводно перење пари поврзани со дрога, е осомничен за фалсификување на документи за земјиште каде што Џаред Кушнер сака да изгради одморалиште вредно повеќе милијарди долари, соопшти агенцијата за борба против организираниот криминал во земјата во досиејата на предметот пренесува „Ројтерс“.
Бизнисменот, Артур Шеху, ги негира сите обвинувања против него, изјави неговиот адвокат, Кујтим Чакрани, кој потврди дека албанските обвинители издале налог за апсење на Шеху поради перење пари за нарко банди. Досиејата на предметот го обвинуваат Шеху и неговите соработници за трговија со јужноамерикански кокаин во европските пристаништа и перење на средствата користејќи ги за да основаат империја на недвижности, вклучително и со фалсификувани документи за сопственост на земјиште.
„Тоа што е тврдено за г-дин Артур Шеху не е вистина. Тој не е ниту шверцер на дрога ниту фалсификатор на документи за сопственост. Г-дин Шеху е свесен за обвинувањата на албанското обвинителство. Овие обвинувања не го засегаат бидејќи тој тврди дека вистината е сосема поинаква од она што го тврди обвинителството“, рече адвокатот Чакрани.
Портпаролот на Министерството за правда на САД одби да коментира дали добило какво било барање од Албанија за лоцирање или притворање на Шеху во Мајами. Во април, Шеху го продаде појасот од недопреното албанско крајбрежје за планираното одморалиште на „Албанија Ленд Дивелопмент“, компанија која е во сопственост на инвеститорите на проектот поддржан од Кушнер, „Сазан риел естејт дивелопмент“ и други инвеститори.
„Врз основа на докази, се формираат разумни сомневања дека горенаведените средства се стекнати со употреба на фалсификувани документи“, напишаа обвинителите во досиејата на случајот.
Досиејата не наведуваат никакви наводи за прекршоци против зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Кушнер, „Сазан риел естејт дивелопмент“, „Албанија Ленд дивелопмент“ или други инвеститори во проектот за одморалиштето. Ројтерс во истражувањето не пронашло никакви индикации дека некои инвеститори биле свесни за какви било сомневања за Шеху кога го купиле земјиштето од него. Портпаролот на „Сазан риел естејт дивелопмент“ не се осврна на обвинувањата против Шеху кога Ројтерс праша за нив, но рече дека компанијата верува дека аквизициите на земјиште се легитимни. Додека „Албанија Ленд Дивелопмент“ не одговори на барањата за коментар. Портпаролот на Кушнер одби да коментира за оваа сторија. Иако Сазан потврди дека Кушнер е инвеститор во проектот, прецизната природа на неговата улога или обем на неговата инвестиција не е објавена.
Досиејата против Шеху беа подготвени од Специјалната структура на Албанија против корупцијата и организираниот криминал, позната како СПАК, формирана во 2019 година за борба против корупцијата со свои истражители и обвинители независни од редовната полиција и обвинителството.
