Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС. Без вода се Пинтија, Усје, Долно Лисиче, Драчево, Батинци, Студеничани, Моране и Зелениково.
Според јавното претпријатие „Водовод и канализација“ дефектот се случил на голема водоводна цевка во населбата Кисела Вода, кај поранешната фабрика ОХИС.
„Поради уличен дефект со голем профил Ф-600 мм на улица „Борис Трајковски“ бб (лоциран точно пред главниот влез на поранешната фабрика ОХИС), водоснабдувањето е прекинато од 18:30 часот. Без вода во моментов се корисниците од следните населени места: Пинтија и Усје, Долно Лисиче и Драчево, Батинци, Студеничани, Моране и Зелениково“, велат од јавното претпријатие.
Oд претпријатието додаваат дека екипите се веќе на терен и работат на отстранување на дефектот, а нормализирање на состојбата се очекува по неговото целосно санирање во текот на ноќта.
