По објавата на Телма, Министерството за внатрешни работи го избриша соопштението со фотографија која, според нејзините визуелни карактеристики, упатуваше на можноста дека е генерирана со вештачка интелигенција. Фотографијата, поврзана со случајот со странскиот државјанин пронајден на Матка, не беше означена дека е изработена со употреба на вештачка интелигенција.
Меѓу воочливите недоследности се издвојуваше изгледот на полициските униформи, како и рака поставена врз ранецот на спасеното лице, која според композицијата на фотографијата не може да се поврзе со ниту еден од присутните полицајци.
Сепак, ова не е единствената објава на МВР што отвора сомнеж. И претходно беше објавена фотографија со слични визуелни карактеристики, на која се прикажани двајца полициски службеници како ги прегрнуваат трите лица евакуирани од непристапен терен на Шар Планина.
Во соопштението на МВР е наведено дека лицата биле прифатени од полициски службеници во 20:40 часот, додека на фотографијата се гледа дневна светлина што не е во согласност со времето наведено во објавата. И овој детаљ сам по себе не претставува доказ дека фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција, но претставува дополнителен елемент што отвора сомнеж за нејзината автентичност.
Теа Димковска
