Вести Македонија

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да сруши дивоградба

Цели 11 години, група жители од Тетово водат битка со институции за извршување на решение за уривање на дивоградба. Станува збор за челична конструкција на улицата „Иво Рибар Лола“ во која функционира автоперална, а за која уште во 2015 година е утврдено дека е изградена незаконски. Жителите се жалат на игнорирање од инспекторатите, додека од Општина Тетово ветуваат уривање, но дури откако ќе обезбедат пари и услови за тоа.

Единаесет години жители на тетовска улица ја чекаат Општината да реализира сопствено решение за уривање на дивоградба.  Уште во 2015 година утврдено било дека незаконски е изградена челична конструкција каде функционира перална за возила.

Групата граѓани во текот на годините на неколку пати барале извршување на решението, а тоа го направиле и во јануари годинава.  На улицата „Иво Рибар Лола“ каде е спорната перална, има еднонасочен сообраќај, тука се наоѓа и основно училиште од каде исто така побарале општината да го надмине проблемот.

„Во секојдневното живеење се среќаваме со бучава преку цел ден еве, може и сами да видите какви прљави води течат низ улиците се ствара сообраќаен метеж. Поминуваат случајни минувачи, тука се прска од машините за перење. Станува неподносливо, по цели денови ја сслушаме оваа бучава овде дека тие што се непосредни до пералната сега е во карантин со денови“, изјави Љубомир Костоски.

Граѓаните велат дека со години бараат од повеќе инспекции и институции да преземат мерки за да се спречи работењето кои им создава проблеми но добиле контрадикторни одговори.

„Поднесовме барање и до трудова инспекција, трудовата инспекција ни одговори дека била во контрола, али истиот ден не нашла никого да работи. И остана отворено на тоа. Исто така поднесовме барање на пазарна инспекција после два и пол месеца ни одговори со одговор дека сопственикот отворил фирма. Не ни е јасно како може на дивоизграден објект да се отвори фирма и да се добие дозвола за работа“, додава Костоски. 

Општина Тетово одговори дека по пријавата од јануари, градежен инспектор направил записник во април, па најавуваат отстранување на конструкцијата кога за тоа ќе имале можност.

„По повторното барање со бр. 22-30 од 27.01.2026 година, градежниот инспектор презел мерки, односно извршил увид на лице место и изготвил Контролен записник со бр. 22-263 од 30.04.2026 година, при што постапката по предметот е во тек. Следува налог за извршување на Решението за отстранување, а истото ќе биде ставено во Програмата за извршување. Во моментот кога ќе се обезбедат средства и услови, Решението ќе биде извршено од страна на Општина Тетово“, соопштуваат оттаму.

Жителите поради непостапувањето барале Управен инспекторат да ја испита работата на првотестепените инспекторати, но добиле одговор дека сите мерки биле преземени.

Александар Самарџиев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

По смртта на градежниот работник во Трубарево инспекторатот за труд го затвори градилиштето

Tea Dimkovska

Во Демирхисарската болница ќе биде спроведен на лекување таткото на Меланија која објави дека со нејзиното семејство се жртви на семејно насилство

Tea Dimkovska

МВР ја избриша објавата со слика генерирана од вештачка интелигенција за случајот со странецот кој се загуби на Матка

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе