Иран и САД со контрадикторни тврдења за состојбата во Ормутскиот теснец. Иран тврди дека поморскиот премин е затворен и дека нема да биде повторно отворен се додека САД не ги прекинат нападите. Наспроти тоа, Американската централна команда соопшти дека Ормутскиот Теснец останува отворен за сите бродови што законски пловат низ меѓународниот воден пат, нагласувајќи дека американските сили се подготвени да ја обезбедат слободата на пловидбата, и дека сообраќајот се одвива непречено.

„По овој инцидент: прво, поради несигурноста предизвикана од незаконската интервенција на странски сили, Ормутскиот теснец е затворен до негова повторна најава за отворање и до крајот на американската интервенција во регионот, и на ниту еден брод нема да му биде дозволено да помине. Второ, ако непријателскиот агресор, користејќи го овој напад – кој самиот го предизвика – како изговор, направи уште една грешка и изврши нов чин на агресија против нас, ќе добие жесток одговор, а дополнителни непријателски бази во регионот ќе бидат цел. Последиците од таквата интервенција паѓаат на американско-ционистичкиот непријател и на земјите што ја ставиле својата територија на располагање на непријателските бази за да ги спроведат овие закани“, водителот на иранската државна телевизија.
По денешни американски напади и Иран веднаш возврати. Револуционерната гарда соопшти дека почнала „прва фаза“ на одмазднички напади врз американски бази и сојузници во регионот. Ракетни и беспилотни закани беа регистрирани во Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, а Техеран тврди и дека погодил американска база во Јордан.
„Ова е најголем број на воздушни напади што сме ги виделе во текот на овие денови. Сега, како одговор, Иран денес очигледно возврати со напади насочени кон Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Сега, Иран изнесе и многу други тврдења. Сè изгледа распрснато . Она што е познато е дека сирените за ракетно тревожење се вклучија во тие три земји. Останува нејасно дали е направена некаква штета. Сето ова се случува бидејќи имаше надежи, дека преговорите ќе продолжат во обид да се постигне траен крај на војната во Иран“, вели Џон Гамбрел, новинар од агенцијата Асошиејтед Прес.
Во услови на спротивставени тврдења и нова воена ескалација, останува неизвесно дали и кога двете страни повторно ќе седнат на преговарачка маса.
Tea Димковска
САД повторно го нападна Иран иако беше најавено дека ќе имаат билатерална средба
