Вести Македонија

Жителите на Шутка пеш до Центар, автобуси нема зошто градот не ги платил превозниците

За жителите на Шуто Оризари, веќе неколку дена нема автобуси. Со центарот на градот не се директно поврзани, а единствен спас им се приградските линии коишто ги носат до некаде, за потоа да фатат друг автобус.

Автобуските постојки се празни, а онаму каде што затекнавме граѓани или фаќаат сенка или ќе чекаат автобус со часови.

За да стигнат до центарот на градот, на жителите на Шуто Оризари им е потребна цела логистика или добра кондиција за пешачење.

Автобусите со број 19 и 20 ги нема, приградските се нередовни и возниот ред на ЈСП е хаос сам по себе, критикуваат жителите на населбата.

Не ги забораваат предизборните ветувања на градоначалничката Арсовска за бесплатен автобуски превоз.

Сега велат, не плаќаат затоа што не ни имаат автобуси.

„Градоначалничката ветила бесплатен превоз и еве сега бесплатен превоз имаме. Тоа е.“

 

„Арсовска ветувала бесплатен превоз. Еве сега нема ниту 19-ка, ниту 20-ка. И луѓето како да одат на работа?! Да одат кај нејзе? Таа ли ќе ги носи, со нејзин превоз?! Ова е срамота.“

 

„Нашите деца, нашите жени одат на работа. Мора пеш да одат до Скопје Север, па со 9-ка до Чаир, па после не знам каде треба да одат. Тоа е катастрофа. Македонија станала катастрофа!“

 

„Нема ниту еден автобус, пеш одиме. Не знам што е работава. Кај и да одиме – само пеш мора.“

 

„Без автобус сме. Ниту број 20 има, ниту 19. Не знаеме што е причината. Вадиме билет, но на работа не можеме да отидеме. Што е работата со ова, каде да се пожалиме? Треба некој да биде надлежен за ова.“

Проблемот е огромен, а настанал во последните денови и тоа поради неплатени долгови од страна на Град Скопје, спрема приватните превозници.

Станува збор за огромни суми кои достигнуваат и до половина милион евра.

„Деновиве дојде до една несакана ситуација. Одредени превозници на линиите со број 19 и 20 не беа во можност да ги опслужуваат линиите поради немање средства да набават гориво. Од септември е почнат проблемот, а сега не се исплатени месеците март, април и два аванса за мај“ во телефонска изјава за Телма вели Милорад Димитриевски од „Макекспрес“.

Информациите се дека начелно е постигнат некаков договор и утврдена е динамиката како да се исплатат парите, а со тоа најдоцна до утре треба да има автобуси за жителите на Шуто Оризари.

Во меѓувреме, градоначалничката Арсовска останува целосно недостапна за изјави за медиумите за да одговори на бројните прашања од јавноста.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ДКСК повторно одлучи дека академијата „Павел Шатев“ ги крши законите со тестирање на кандидати во изборен процес

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 19.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – Изборна хроника 19.04.2024.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе