Украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обрати на украинската јавност на седмиот ден од инвазијата.
Тој рече дека околу 6.000 руски војници биле убиени во шест дена од рускиот напад на Украина.
„Тие сакаат да ни ја избришат историјата, нашата земја, сите нас“
„Имаме повеќе единство во последните седум дена отколку во последните 30 години. Овојпат сме како едно. Се сакаме и си помагаме“, рече Зеленски.
Тој тврдеше дека Москва има намера да ја избрише украинската историја. Тој спомна руски проектил кој паднал во близина на споменикот на жртвите на холокаустот во Киев.
„Вчера некои од нас повторно загинаа со ракетен напад врз споменикот на холокаустот во Бабин Јар. Каков човек цели кон нешто такво?“ – се прашуваше Зеленски.
„На руските војници им е наредено да ја избришат нашата историја, нашата земја, сите нас“, додаде тој.
Зеленски им се обрати на Евреите
„Сега им се обраќам на сите Евреи во светот. Не гледате ли што се случува?… Нацизмот се раѓа во тишина. Затоа викајте за убивање цивили!“ рече Зеленски, кој исто така има еврејско потекло.
Тој рече дека Русија не може да ја добие оваа војна со бомби, удари и проектили.
„Украинците денес се симбол на непобедливост. Симбол дека луѓето во која било земја во секое време можат да станат најдобри луѓе на земјата. Слава на Украина!“ изјави украинскиот претседател.