Дел од македонските државјани кои се во Кабул, веќе биле исконтактирани од дипломатите, но начинот на евакуација и кога би започнала се уште не е познат.
Ивана Стојановска чиј сопруг работи на аеродромот во Кабул, за Телма вели дека ситуацијата е многу неизвесна.
Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во МНР пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан, за нашите активности, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување, соопштуваат од министерството.
„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија. Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен“, соопштува МНР.
