Обвинителството истражува како е извршена продажбата на земјиштето на локацијата спроти Холидеј ин која сегашните сопственици ја добија од државата по околу 300 евра за квадрат со дооформување на градежна парцела. Од Јавното обвинителство за Телма велат се води предистражна постапка, и детали не откриваат.
Надлежниот јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ги разгледува сите аспекти поврзани со овој случај меѓу кои и оттуѓувањето на земјиштето и во рамките на своите надлежности ги презема сите неопходни дејствија за расчистување на случајот.
Предистрагата за плацот кај Холидеј ин доаѓа по иницијативата на Антикорупциска. Покрај сомнежите за продажбата на плацот, антикорупционерите побараа од обвинителството да истражи и дали има основ за кривични пријави за неколку лица меѓу кои и двајца поранешни градоначалници на Центар заа злоупотреба на службената положба.
Сега за истиот случај и Антикорупциска ги бара и документите за градежната дозвола која градоначалникот на Центар Богдановиќ ја даде на инвеститорите.
Овој случај од самиот старт беше контроверзен. Јавноста реагираше на ниската цена по која преходниот министер за транспорт Сугарески ја продаде државната парцела со дооформување, повикувајќи се на важечката Уредба. По најавите дека таму ќе се градат висококатници и граѓаните и експертската фела остро се спротиставија на проектот. А министерството за транспорт и врски и градоначалникот на Центар Богдановиќ меѓусебно си ја префрлаа топката околу можноста за суспензијата на планот донесен од претходната владејачка гарнитура. Богдановиќ вчера потврди дека дозволата за градење е правосилна и дека нема правни пречки инвеститорите МГ Фешн и МПЦ на првиот од трите плаца, да почнат да ја градат првата висококатница од вкупно три.
Александра Филиповска
