Вести Свет

Четири украински региони распишаа референдуми за присоединување кон Русија

Седум месеци по почетокот на инвазијата, поставените од Москва гувернери на Доњецк, Луганск, Херсон и делумно контролираниот од страна на Русија регион Запорожје, соопштија дека референдумите ќе започнат во петок и гласањето ќе продолжи во наредните пет денови.

Поставивме курс на повторно обединување со Русија и нема да скршнеме од него. По резултатите од референдумот, јас лично ќе го побарам претседателот на Руската Федерација, Владимир Владимирович Путин, за да законски ги потврди, што е можно побрзо. Убеден сум дека таа процедура нема да трае предолго, изјави рускиот гувернер на Херсон, Владимир Салдо.

Иако руската офанзива изминативе седум месеци не ги постигна зацртаните цели, туку претрпе и серија срамни порази кои резултираа со две големи повлекувања, руските власти одлучија да го употребат рецептот на Крим од 2014 година.

Тоа е нивен избор. И ако во текот на референдумот тие одлучат дека сакаат да бидат дел од Русија, ќе ги поддржиме, колеги. Се согласувате ли со тоа? рече претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин.

Украинската противофанзива и ослободувањето на речиси целиот регион на Харков, според Киев, предизвикало паника кај руските власти, кои сега бараат начин за излез од оваа војна.

Имајќи го в предвид фактот што тие ќе бидат поразени на бојното поле, единственото што им преостанува е набрзина да одржат референдуми, со фалсификувани сигурни резултати и да ги анектираат окупираните територии кон Руската Федерација, порача украинскиот гувернер на Луганск, Серхеј Хаидаи.

Како и во случајот со Крим, речиси сигурно е дека гласањето ќе заврши во полза на Москва, но исто така е сигурно и дека резултатите од референдумите нема да бидат признати од страна на западните земји. Сепак, дел од западот се надева дека ова е вовед во крајот на војната, дека Москва ќе се задоволи со ова, прогласувајќи успешен крај на „специјалната операција“. Но дел предупредуваат дека ова можеби ќе биде вовед во целосна мобилизација на руската армија, во одбрана на територии кои Москва ги смета за руски.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сета медицинска документација и фискални сметки за постапка за надомест на штета – правни механизми пред гостиварци кои може да поднесат и приговори за јунските фактури за вода

Sasko Dimovski

(Видео) Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, чадот стигна до автопатот – интервенираат „ер трактори“

Kristina Kuzmanovski

Не споделувајте лични податоци и броеви на банкарски картички – МВР со предупредување до граѓаните за нов бран на лажни пораки за „Безбеден град“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе