„Црната листа“ на Стејт Департмент овие денови „ја препрочитуваат“ и партиите и аналитичарите. За едни е силна порака, за други само автономна одлука.
За владеачката СДСМ, проширувањето на листата со екс премиерот Никола Груевски и неговиот братучед, бизнисменот Сашо Мијалков, е потврда дека во ВМРО ДПМНЕ нема промени и дека таа партија се уште е криминална и режимска.
Очекувале извинување и одговорност, особено што Мицкоски му бил советник на Груевски.
Прашуваат дали причина за молкот на актуелниот лидер е новата фирма на поранешниот лидер, регистрирана во Унгарија, кадешто избега.
Христијан Мицкоски молчи за ова прашање, а ВМРО ДПМНЕ смета дека се работи за автономна одлука на Стејт Департмент.
Се уште не се огласиле со изјава, а во партиските соопштенија посочуваат дека власта прави дефокус од вистинските проблеми и дека во владеачката коалиција седат двајца претседатели на помали партии кои се дел од „црната листа“.
„СДСМ се мизерни. Кога половина држава протестира, тие се занимаваат со автономна одлука на Стејт Департмент. Наместо да ги решава проблемите на граѓаните, СДСМ се занимава со листи“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Амбасадорот и дипломат од кариера, Љупчо Арсовски, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека санкциите не се изненадување, туку порака дека веќе не можете да влезете во политиката.
„Одредени крупни институции како што е Европската централна банка го следат текот на парите. Имаше и инвестиции од Кипар, од каде што парите кружат. Пред десетина години од земјава излегоа 3-4 милијарди евра, што во тоа време беше сума поголема од државниот буџет, така што објавувањето на „црната листа“ не зачудува“ – изјави дипломатот од кариера Љупчо Арсовски.
Во понеделникот, Американското министерство за финансии соопшти дека поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и нивните семејства, добиваат забрана за влез во САД и за било какви финансиски трансакции.
Ги означуваат како лица директно или индиректно вклучени во корупција, злоупотреба на јавни средства и поткуп со користење на политичката моќ за лична корист.
Соња Николовска
