Свет Топ вести

Вучиќ со втор мандат и подарок фрижидер, наплив на десничари, неизвесно до последниот глас во Белград

Со шампањ марка „Триумф“ кој го еруптираа негоите сопартијки и коментар дека е пресреќен што двапати победува во прв круг на претседателски избори во Србија, потврдениот претседател Александар Вучиќ тргна да излегува од прес-салата каде ги објави резултатите пред Изборната комисија.

Но не стигна да излезе веднаш бидејќи еден од присутните функционери на СНС му даде подарок, фигура од минијатурен Вучиќ излезен од фрижидер (торта). Вучиќ ги повика камерманите да го сликаат подарокот и куклата од марципан по негов лик кои ги потсетија сите што донесе и што ќе носи во наредните години српскиот претседател, ќе го има секаде, ќе зборува за се.

Иако традиционално „ладен“ како да излегол од фрижидер сепак во брзата анализа кажа некои работи кои ги покажаа овие српски избори.

-На резултатот на изборите имаше големо влијание украинската криза. И јас сум виновен што не калкулирав предизборно, но го правев тоа во интерес на Србија. Добар резултат остварија повеќе десни партии кои државната политика за проблемот ја критикуваа, истакна меѓу другото Вучиќ кој победи со речиси 60 проценти од гласовите.

Неговиот опозициски ривал Здравко Понош остана на околу 17,5 % од гласовите. Сите останати беа под 6 % од гласовите. Вучиќ сам си кажа дека направил нешто што никој не направил во Србија досега, освоил 2,245,000 гласови и се спореди по владеачкиот стаж со најдолговечниот српски политичар Никола Пашиќ (владеел на крајот на 19-тиот и во првите 30 години на 20-тиот век, секако со прекиди но и со бегство во странство меѓу мандати поради пресудена затворска казна).

Иако се точеше шампањ и се слушаше „блех“ трубачки српски сплет, сепак на лицата зад Вучиќ немаше широко отворени насмевки на сопартијците. Претседателот победи, и партијата победи но со едвај 43,3 % од гласовите и со првпат по 6 години потполовична бројна состојба во српската Скупштина.

Аналитичарите кои ги пребројуваат гласовите и калкулираат мандатите оценија дека СНС ќе има 121 или 122 пратеници во 250 -члениот парламентарен дом. Вучиќ пак кажа дека со гласовите од дијаспората, пред се Косово и Република Српска имаат 124-5 пратеници.

СНС освои трипати повеќе гласови од опозиционерите кои се здружија под името „За промени“, на трето место стигнаа социјалистите на Ивица Дачиќ со 11,5 % добиени гласови на парламентарните избори на кои СПС се натпреваруваше со изборен слоган Дачиќ-премиер.

Но, намалувањето на мандатите на СНС не е резултат на незадоволството на граѓаните од неговото „отвори фрижидер владеење“ туку од новиот изборен систем. Сега за влез во парламентот, изборен праг е 3 % за разлика од претходниот 5 %.

И во таа маргина, влегуваат две десничарски партии Заветници и Двери, тука е и ројалистичката коалиција на ДСС и на Движење за обнова на српското кралство. Единствени кои го искористија намалувањето на прагот, а не се десно, се еколошко-зелените „Мораме“ составени од белградските противници на Вучиќ и неговиот арапски проект „Белград на вода“.

Овие 4 коалиции влегуваат во српскиот парламент со што го намалија скорот на СНС и бројот на нивните мандати. Сепак Брнабиќ (актуелна премиерка која иако поканета од Вучиќ но не го отвори шишето шампањ на вечерашната прослава) или некој друг ќе имаат комотна позиција за состав на новата влада поради мандатите на Сојузот на Унгарци во Војводина- традиционален партнер на СНС. За соработка беше расположен и Дачиќ кој освои три проценти повеќе гласови од она што го очекуваа агенциите за истражување на јавното мислење.

Вучиќ и беше прашан за тоа дали Дачиќ ќе биде премиер, но не одговори прецизно туку политички и славенички затоа што убедливо освои најмногу и проценти и гласови. За Белград кажа дека освоиле на локалните повеќе гласови отколку во Белград за парламентарните и тоа поради помалку изборни листи во главниот град.

За изборите во Белград, СНС е уште подолу и е на околу 38 % со исто така потполовичен број на мандати во белградскиот совет. Во овој број се вкалкулирани и гласачите на Александар Шапиќ кој минатата година својата партија ја претопи во СНС и долго време раководеше со општина Нови Белград, најголема во српскиот главен град.

И додека СНС во Белград има 48 мандати ( нема помош од гласовите на Србите во Косово и од дијаспората), обединетите опозиционери и коалицијата „Мораме“ заедно имаат 39 мандати. СПС не е толку популарен во главниот град, но со своите 8 мандати може да донесе коалиција со партијата на Вучиќ за власт во Белград. И таму има пробив на три десничарски партии, но распоредот на силите ќе се знае до пребројување на последниот глас затоа што сите дсоегашни бројки се само предвидувања и проекции на невладините организации. Изборната комисија само ги затвори вратите и најави резултати за утре попладне.

Опозицијата се бореше за нови избори, но обединета во два блока (блокот на Борис Тадиќ не ни успеа да влезе во парламентот), предводена од Ѓилас, Јеремиќ, Лутовац, Грбовиќ на иста листа-не се избори за победа и остана речиси на истото ниво од пред 6 години.

-Овие избори се почеток на крајот на владеењето на Александар Вучиќ. Нема да чекаме 4 години до нови избори. Не смееме да ги издадеме луѓето кои се излеаја на избирачките места да гласаат. Разбудивме надеж кај нив, истакна Здравко Понош, опозициониот кандидат и најголем ривал на Вучиќ за нов претседател.

Со подарокот во рака (мини Вучиќ од фрижидер) вистинскиот Вучиќ си замина од прес салата откако ги изрецитира резултатите и најави заминување од претседателската функција во партијата. Кандидатите за неговиот партиски престол останаа во салата со чаши шампањ во рака и мисла во умот-како ќе биде кога лидерот ќе остане во фрижидерот, а резултатите се во пад. И тешките прашања се уште се тука

Економската и енергетската криза, но и конечното изјаснување за санкциите кон Русија, домашната задача од Брисел- се првите задачи за старо-новиот претседател и новата влада. „Достоевски нема да го забраниме затоа што е најголем“- рече Вучиќ иако рускиот литературен гение никаде не е забранет па ниту во земјите кои воведоа санкции за Русија по нападот врз Украина.

Миомир Серафиновиќ

Дигитална редакција на ТВ Телма

Од Белград за изборите во Србија известуваше Марија Дивитарова Савановиќ

Висока излезност на изборите во Србија – според аналитичарите Александар Вучиќ ќе добие втор петгодишен претседателски мандат

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Пожар кај Психијатриската болница во Бардовци – евакуирани пациенти и персонал

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе