Вести Македонија Топ вести

За 30 отсто помалку одобренија за згради во Скопје – го спласнаа ли високите цени интересот за квадрат во главниот град?

За 19 отсто е намален бројот на станови за кои е издадено одобрение за градење во првите пет месеци од годинава, во споредба со истиот период лани. Во Скопскиот регион, падот е уште поизразен – 30 отсто.

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека има благ пад на издадените одобренија за високоградба, но многу поголем пад на бројот на предвидени станови.

Во периодот јануари – мај во 2025 година, во земјава биле издадени одобренија за градење на 3.845 станови, а во истиот период годинава се одобрени 3.107 стана, односно пад од 19,2 отсто. Во Скопскиот регион, во првите пет месеци минатата година, биле издадени одобренија за 1.673 стана, а во истиот период годинава 1.170 стана, односно намалување од 30 отсто.

Градежниците велат дека тоа е резултат на намалувањето на атрактивни локации во главниот град. Сè што можеше да се изгради, се изгради.

„А и тоа што сега се нуди, генерално не е толку поволно, со оглед на местоположбата, како се поставени урбанистички, осончување, проветрување, сообраќајни услови, комплетната инфраструктура, како се поврзани, така што тоа се малку понеповолни локации сега што се нудат за градба, затоа што добрите локации, чистите локации веќе се искористија“, вели градежникот Никола Велковски.

Податоците од Агенцијата за катастар од првиот квартал годинава покажуваат дека цените на квадратот сè уште растат, но има сериозно намалување на продажбата на станови.

Во првото тримесечје од 2025 година биле продадени 854 станови од инвеститор, во второто – 676, во третото – 845, во четвртото – 1.004, додека во првиот квартал од годинава се продале 712 нови стана. Тоа е пад од 29 отсто во однос на претходниот квартал и пад од скоро 17 проценти во однос на истото тримесечје претходната година.

„Со тоа што се побаруваше многу, цените фиктивно отидоа нагоре, тоа не се реални цени на чинење на становите и сега веќе полека спласнува, затоа што и побарувачката се намалува“, вели Велковски.

Упатените велат дека е прерано да се констатира дека градежниот балон издишува со пад на продажбата во еден квартал. Појасна слика треба да се добие кога ќе излезат податоците за вториот квартал, но оти е очигледно дека прекинува оној тренд на раст од минатата година, кога становите поскапеа за 25 отсто.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уапсени двајца членови на Беланоца во Драч – едниот се бараше за убиство на офицер на АРМ

Дејан Дејан

Студенти над 30 години излегуваат од студентските домови – измени во законот за студентски стандард

Sasko Dimovski

Ќе се изгаснат ли цигарите во кафулиња и на дел од јавниот простор од 1 август?

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе