Министерството за правда го почитува правото на протест но оценува дека денешниот студентски протестен марш поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците при полагање на правосудниот испит, бил обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури.
„Протестот уште еднаш покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествуваа во креирањето на лошите состојбите во правосудниот систем“, пишува во реакцијата од Министерството за правда.
„Особено загрижува улогата на одредена опозициска партија, и нивното делување во контекст на актуелните протести. Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување на краткорочни политички цели. Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок“, се наведува во реакцијата од Министерството за правда.
Во однос на барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда информира дека тој се спроведува согласно важечката законска рамка.
„Станува збор за стручен испит кој не претставува управна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и стручност во правосудниот систем“, соопштуваат од Правда..
