Спорт Фудбал

Копенхаген како Палермо? Македонија против Данска за пласман на СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација вечерва гостува кај Данска во Копенхаген во полуфиналниот бараж натпревар за пласман на Светското првенство што ќе се одржи ова лето во САД, Канада и Мексико. Трет бараж во нашата историја – првиот го минавме за Европското првенство во 2020 година, а во вториот за Светското првенство во Катар, ја минавме Италија, но не и Португалија во финалето. Вечерва избраниците на селекторото Гоце Седлоски се пред уште еден историски натпревар за испишување нови страници во македонскиот репрезентативен фудбал. 

Македонија во натпреварот влегува со нов селектор и неколку нови играчи во однос на квалификациите и Лигата на нации. Гоце Седлоски ја презема клупата по Благоја Милевски, а составот е освежен со дефанзивецот Себастијан Херера, како и напаѓачот од МЛС-лигата, Дени Мусовски, а по неколку години повик доби и Љупче Дориев. 

Според рејтингот, нашиот тим е аутсајдер во дуелот со Данска, која освен што ја има предност да го игра баражот на домашен терен на стадионот „Паркен“ во Копенхаген, има квалитетен состав, кој редовно игра на големите натпреварувања. 

Предводени од искусниот Кристијан Ериксен, Данците имаат силен среден ред со играчи како Кристијан Норгард од Арсенал и Пјер-Емил Хојбјерг од Олимпик Марсеј. Секако најголема закана за нашиот гол ќе биде соиграчот на Елиф Елмас од Наполи, Расмус Хојлунд, но тука е и Микел Дамсгард од Брентфорд. Фаворитската улога секако ја има домашната селекција, но на Македонија и одговара улогата на аутсајдер. 

Така беше и пред четири години, кога гостувавме во Палермо кај Италија во баражот за Светското првенство во 2022 година. Славевме историска победа од 0-1 со голот на Александар Трајковски, но за жал во финалниот бараж загубивме од Португалија на „Драгао“ во Порто со 2-0. 

Првиот историски бараж успеавме да го минеме за да се пласираме на Европското првенство во 2020 година. Прво го елиминиравме Косово на домашен терен со 2-1, а потоа ја победивме и Грузија на гости со 0-1. Во нокаут натпреварите имаме позитивен скор, за кој се надевема дека ќе продолжи и вечерва.

Со Данска ова ќе ни биде четврта меѓусебна средба во историјата. Се соочивме во квалификациите за Европското првенство во 1996 година. Загубивме со 1-0, на гостински терен, а во Скопје беше 1-1. Последен пат игравме со Данците во Скопје и тоа пријателски натпревар во 2013 година, кога ги декласиравме со 3-0. 

Што се однесува до вечерашниот состав на Македонија, веќе беше познато од порано дека селекторото Седлоски не може да смета на левиот бек Езгјан Алиоски поради повреда. Од повиканите 27 играчи на списокот, вечерва ќе ги нема и суспендиранито Тихомир Костадинов, а на трибините ќе останат и Имран Фетаи, Решат Рамадани и Лука Станковски. 

Со евентуална победа, Македонија ќе продолжи во финалниот бараж натпревар, повторно на гостински терен и тоа против победникот од дуелот помеѓу Чешка и Република Ирска. Ако загуби, ќе игра со поразениот од претходноспоменатиот дуел.

ФОТО: ФФМ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мундијалот во американски стил: Шампионите ќе добијат специјални прстени (ВИДЕО)

Sportska Redakcija

Еурофарм Пелистер против екипи од три големи ракометни земји во Европската лига

Sportska Redakcija

 Славко Винчиќ ќе го суди финалето на Светското првенство 2026

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе