Вести Македонија

Телма дознава- бугарската заедница бара државата да определи пари од буџетот за промоција на заедниците помали од 20 проценти во државата

Државата да определи конкретен буџет за промовирање на помалите заедници од 20 проценти во Македонија и овој буџет да биде дел од националниот буџет, чија висина би ја следела годишната инфлација во земјата.

Од него пак еден дел би бил наменет само за новопризнаените заедници во Уставот во земјата за промовирање на нивните културни, историски, јазични посебности, меѓу кои и на бугарската заедница.

Ова е едно од барањата на здруженијата на Бугарите во земјава, кои неофицијално ги дознава Телма, а кои се дадени како коментар на предлог-акцискиот план за заштита на правата на помалите заедници во Македонија, документ кој го бара ЕУ како услов за отворање на пристапните преговори со земјава.

Трите здруженија на Бугарите во земјава кои учествувале на партиципативниот форум за акцискиот план на почетокот од декември, меѓу кои и „Една роза“ кој е всушност е трансформираниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, се потпишани на коментарите во кои, меѓу кои како што дознава Телма, се бара и мониторинг механизам од страна на Европската комисија против расизам и нетолеранција, тело на Советот на Европа за следење на човековите права, специјализирано за  прашања поврзани со борбата против расизмот, дискриминацијата, ксенофобија, антисемитизам и нетолеранција во Европа.

Дополнително бугарските здруженија побарале и акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците да биде поврзан и со исполнување на Протоколот од рамки на Договорот за добрососедство со Бугарија, потпишан од Скопје и Софија во јули 2022 година, кој влезе и во пакетот документи кој Македонија ги потпиша со ЕУ за отпочнување на пристапните преговори. Во протоколот клучно барање е впишување на Бугарите во уставот, но документот ја определува и работата на историската комисија, ревизија на учебниците по историја, говорот на омраза, рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период.

Според информациите на Телма, барањата на бугарските здруженија како несуштински на текстот на документот и процесот на неговата реализација, не влегле во документот кој е испратен до ЕУ и до Бугарија.

Премиерот, Христијан Мицкоски, пред една недела изјави дека акцискиот план бил оспорен од Бугарија поради македонскиот јазик на кој го добила документот, но за содржината забелешките од страна на Бугарија рече дека биле небитни.

Тој тогаш изјави дека земјава е подготвена да ги прифати сите забелешки, освен за уставни измени, но оти нема да се откаже од македонскиот јазик.

Бугарија во одговорот на Мицкоски, негираше дека го спорела јазикот на кој бил напишан документот, барајќи од него да стои на зборот и да ги прифати сите други коментари на бугарската заедница дадени за акцискиот план за малцинствата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кој се фалел дека ќе земе паричка, а кој барал половина од 30.000 евра – телефонски разговори на обвинетите се слушаа на судењето за ИПАРД

Дејан Дејан

Наместо договор, партиите и денеска со исти обвинувања за Изборниот законик – крајниот рок за носење на законот е 15 јули

Sasko Dimovski

Уапсени двајца членови на Беланоца во Драч – едниот се бараше за убиство на офицер на АРМ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе