Државата да определи конкретен буџет за промовирање на помалите заедници од 20 проценти во Македонија и овој буџет да биде дел од националниот буџет, чија висина би ја следела годишната инфлација во земјата.
Од него пак еден дел би бил наменет само за новопризнаените заедници во Уставот во земјата за промовирање на нивните културни, историски, јазични посебности, меѓу кои и на бугарската заедница.
Ова е едно од барањата на здруженијата на Бугарите во земјава, кои неофицијално ги дознава Телма, а кои се дадени како коментар на предлог-акцискиот план за заштита на правата на помалите заедници во Македонија, документ кој го бара ЕУ како услов за отворање на пристапните преговори со земјава.
Трите здруженија на Бугарите во земјава кои учествувале на партиципативниот форум за акцискиот план на почетокот од декември, меѓу кои и „Една роза“ кој е всушност е трансформираниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, се потпишани на коментарите во кои, меѓу кои како што дознава Телма, се бара и мониторинг механизам од страна на Европската комисија против расизам и нетолеранција, тело на Советот на Европа за следење на човековите права, специјализирано за прашања поврзани со борбата против расизмот, дискриминацијата, ксенофобија, антисемитизам и нетолеранција во Европа.
Дополнително бугарските здруженија побарале и акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците да биде поврзан и со исполнување на Протоколот од рамки на Договорот за добрососедство со Бугарија, потпишан од Скопје и Софија во јули 2022 година, кој влезе и во пакетот документи кој Македонија ги потпиша со ЕУ за отпочнување на пристапните преговори. Во протоколот клучно барање е впишување на Бугарите во уставот, но документот ја определува и работата на историската комисија, ревизија на учебниците по историја, говорот на омраза, рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период.
Според информациите на Телма, барањата на бугарските здруженија како несуштински на текстот на документот и процесот на неговата реализација, не влегле во документот кој е испратен до ЕУ и до Бугарија.
Премиерот, Христијан Мицкоски, пред една недела изјави дека акцискиот план бил оспорен од Бугарија поради македонскиот јазик на кој го добила документот, но за содржината забелешките од страна на Бугарија рече дека биле небитни.
Тој тогаш изјави дека земјава е подготвена да ги прифати сите забелешки, освен за уставни измени, но оти нема да се откаже од македонскиот јазик.
Бугарија во одговорот на Мицкоски, негираше дека го спорела јазикот на кој бил напишан документот, барајќи од него да стои на зборот и да ги прифати сите други коментари на бугарската заедница дадени за акцискиот план за малцинствата.
Тамара Грнчароска
