Ќе објавиме конкурс за главен ревизор за ИПА фондовите, ама ич не се пријавувајте зашто ќе ги избереме овие што ги поставивме за в.д. Вака аналитичарите ја толкуваат изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе биде објавен оглас за главен ревизор за европските пари, и на тој оглас ќе бидат потврдени тие што сега се поставени за вршители на должноста, ако нема други заинтересирани коишто ги исполнуваат условите. Неговата изјава се толкува како обесхрабрување на други кандидати воопшто да се пријават.
„Тој најверојатно го кажа гласно тоа што го мисли или тоа што сите го мислиме дека сепак директорите се поставуваат по партиска заслуга или како резултат на меѓукоалициски договор, така што би рекол дека беше обесхрабрувачки за другите да се пријават за оваа функција“, вели извршниот директор на Евротинк – Центарот за европски стратегии Димитар Николовски.
Веќе цела недела трае драмата околу изборот на главен ревизор на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Владата на 8 август го разреши досегашниот ревизор Адем Цури и за в.д. ја назначи Афрона Верзиволи, која нема никакво ревизорско искуство ниту пак има соодветен ревизорски сертификат. Делегацијата на ЕУ се заинтересира за случајот, а Антикорупциската комисија отвори постапка, па четири дена подоцна, Верзиволи беше разрешена, а за вршител на должноста беше назначен Арбен Рамадани, искусен ревизор со потребните сертификати.
Од ДКСК за Телма потврдија дека го проверуваат и ова решение бидејќи законот не предвидува вршител на должност за таа позиција. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вели дека законот не го забранува тоа.
„Ќе се објави оглас и на тој оглас ќе бидат овие коишто се сега вршители на должност практично потврдени како кадровски решенија. Се разбира, доколку нема други заинтересирани коишто ги исполнуваат условите“, изјави вчера Мицкоски.
Во коалицијата Вреди инсистираат дека нивниот предлог Верзиволи во секој случај пак ќе стане главен ревизор за ИПА фондови веднаш откако ќе положи за ревизор.
Дополнителен проблем е што досегашниот главен ревизор Адем Цури е разрешен пред да му заврши мандатот за кој е избран законски и на конкурс.
Поради неговата смена, македонската ревизија сега ќе треба да чека верификација на новиот главен ревизор најмалку до крајот на септември за да се нормализира комуникацијата со Европската комисија која ги дава парите за ИПА фондови и развој на државата.
Срѓан Стојанчов
