Во антикорупциската комисија вчера стигнала анонимна пријава дека несоодветно и нестручно лице е поставено за главен ревизор на Ревизијата на претпристапната помош. На таа позиција минатата недела, владата ја назначи Афрона Верзиволи која нема никакво ревизорско искуство ниту пак има соодветен ревизорски сертификат. Од ДКСК ни потврдија дека веднаш е формиран предмет по анонимната претставка.
До Ревизорското тело за ИПА фондови во Скопје е доставено барање за информации кои законски услови се потребни за некој да биде назначен на оваа важна позиција задолжена за контролира дали европските пари се трошат ефикасно и наменски. Покрај тоа се бара и информација за тоа дали Афрона Вервизоли ги има потребните сертификати и дали ги исполнува законските услови за да биде главен ревизор за ИПА фондовите.
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска за Телма потврди дека предметот е отворен, а Ревизорот има 15 дена да одговори на нивното барање. Во меѓувреме може да стигнат и информации од владата која ја назначи Верзиволи.
Бидејќи Антикорупциската во неколку наврати барала информации за сите назначувања на владата, од Илинденска до ДКСК досега се пристигнати информации за сите В.Д. директори и функционери поставени од владата до 27-ми јули. Седницата за Верзиволи беше три дена подоцна и владата во нередниот период би требало да ја извести Антикорупциска за нејзината биографија.
Случајот го разгледува и делегацијата на ЕУ во Скопје, од каде вчера на прашање на Телма ни стигна одговор дека посебно го набљудуваат назначувањето на Верзиволи, а повторија и дека сите нови функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата.
Верзиволи е поставена за главен ревизор на европските ИПА фондови иако до изборот работела во банка и немала ниту соодветно искуство ниту соодветни сертификати. За тоа место и таа позиција се предвидени строги правила, односно и во договорот за соработка на државата со ЕУ за ИПА фондови стои дека „раководителот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи“.
Постои и законски услов, а главниот ревизор за ИПА фондови мора да има уверение за стекнато звање од областа на ревизијата. Предлогот за назначувањето е стигнат од коалицијата Влен, а владата го изгласала.
Миомир Серафиновиќ