Следната среда Судскиот совет ќе се обиде да ја доврши вчерашната седница која беше прекината поради немање кворум затоа што тројцата членови Зендели, Адеми и Мустафа си заминаа пред да се гласа, откако мнозинството членови во дискусијата беше на став да продолжат постапките за избор и одговорност на судиите. Неофицијално според извори на Телма, во позадина на вчерашната блокада се крие обид да се спречи во предизборието да се избира член на судски од редот на врховните судии. Откако неколку огласи пропаднаа сега пријавени се врховните судии Цветанка Периќ и Исамедин Лимани. Иако точката за тоа дали во предизборниот период ќе има избор на членови на судски вчера не дојде на ред поради немањето кворум, очекувањата се дека расположението на членовите за продолжување на постапките за избори и разрешување ќе се преслика и за прашањето дали периодов треба да има избор на нови членови на советот.
За разлика од Судски, во Советот на јавни обвинители не само што не донеле заклучок да ги стават во мирување овие постапки туку на 21 месецов обвинителите ќе гласаат за член на советот од редот на републичкото обвинителство, затоа што актуелниот оди во пензија. Од советот на јавни обвинители за Телма велат дека не можат да го остават ова тело со месеци да биде со испразнети места. Велат не станува збор за ново вработување но и дека самите обвинители се тие што гласаат.
Академик Владо Камбовски кој е и на чело на работната група што прави реформа на судски совет со став дека не треба да има мирување на изборите и разрешувањата во судски пред се за да не се доведе во прашање ефикасноста и нормалното функционирање на судовите.
- Поради криза со непополнетост на бројни судиски места во повеќе судови од основни до Врховен суд сметам дека треба да продолжат постапките, бидејќи самата постапка обезбедува објективни критериуми кои не може да бидат загрозени со предизборните активностите на политичките партии. За дисциплинските постапки треба да се процени од случај во случај дали се итни и дали ќе се прекршат роковите. Ако станува збор за судија кои извршил тешка злоупотреба или случај на корупција треба да се реагира побрзо, не може да се чека да завршат изборите, вели академик Владо Камбовски.
Вчера во советот се отвори дебата дали унапредувањето на судии е вработување какво што забранува членот 8- А од Изборниот законик
Третирањето на судиите и обвинителите како вработени е спорно за Венецијанската Комисија. Во мислење дадено за закон за судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, Венецијанска потенцира дека судиите и обвинителите се носители на функции, а не вработени, и во системот на хиерархија се очекува да ги спроведуваат своите професионални обврски користејќи ја својата независна проценка и водени само од законот. По дефиниција, од вработените се очекува да обезбедат некаква услуга, под надзор на претпоставен а ваквата категоризација на судиите и обвинителите е проблематична анализира комисијата.
Судски совет пред неполн месец донесе заклучок да ги стопира постапките за избор и разрешување во предизборието но вчерашниот обид беше да се ревидира ваквата одлука откако дел од членовите го смениле мислењето.
Елена Ивановска Мукоска