До Уставниот суд, се уште не е стигната официјално, неотповикливата оставка на уставниот судија Гоце Наумовски, но за наредната седница на Судот- тој нема да биде повикан и поканет, ни изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Првичните штури информации од парламентарниот спикер Гаши до него биле дека оставката е поднесена од лични и професионални причини. За 8 месеци, ова е втор уставен судија кој поднесува оставка и двајцата се професори на скопскиот Правен факултет, а недостасува целосен увид во сите причини за последната оставка.
„ Ова станува веќе симптоматично-втора оставка од судии во Уставен кои се професори на Правниот факултет. Уште повеќе е засилена обврската за транспаретност да бидеме како јавност информирани зошто ја поднесуваат оставката. Јас ја ценам приватноста но приватноста има ограничувања, кога се работи за јавни личности. Треба да има баланс меѓу функцијата која ја врши и давањето на оставка без да се извести претседателот на Уставниот суд и колегите“, рече Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбург
Професорката и поранешна судијка во Стразбур, Цаца Николовска вели дека поради нетранспарентноста сега се раѓаат и шпекулации дали оставката директно е поврзана со иницијатива до Уставниот суд за финансирањето на политичките партии, поднесено од Левица и Демократи. Неговиот глас „за“можеше да пресуди за отфрлање на таа иницијатива, со против, Наумовски можеше да го одложи гласањето за таа точка до избор на 9-тиот уставен судија. Наместо тоа, дополнително се намали бројот и сега има само 7 уставни судии, поради што како што вели Цаца Николовска ќе се редуцира можноста за одлучување во судот.
„ Без еден судија има проблеми во функционирањето на Судот а без двајца ќе биде уште потешко“, рече таа.
Наумовски беше избран како предлог на Собранието, на 18-ти февруари. Оставка си поднесе неполни 5 месеци потоа.
Миомир Серафиновиќ
