Вести Македонија

Едночасовен дожд остави хаос во Битола

Поројниот дожд што синоќа ја зафати Битола за само еден час претвори делови од градот во каллива река. Камења, земја, песок и отпад се слеаја од битолскиот Баир кон пониските делови и центарот на градот.

Силниот воден бран ги оштети и улиците што веќе подолг период се во фаза на реконструкција, носејќи го тампонот и градежниот материјал низ улиците.

Една од најпогодените беше улицата „Димитар Влахов“, каде наносите ги затнаа шахтите, а водата немаше каде да се одлее. Поплавени беа дворови, подруми и помошни простории, а жителите се жалат дека истата слика им се повторува по секој дожд.

– Со години една улица не можат да ја направат. На што личи ова? На Баирот улиците се подобри отколку во центарот. Одозгора сите камења дојдоа долу, на луѓето им се оштетија колите.
– Шахтата е полна со земја, дрва растат во неа. Срамота е.
– Поплавено ми е се дома. Никаде ги нема, а кога требаат гласови, први се. Е, нема веќе гласање.

Последици има и на улицата „Дебарска“, каде силниот порој отвори длабоки кратери и ги однесе претходните крпеници на асфалтот. На делот од улицата што е во реконструкција, дождот го разнесе тампонот, а наносите од камења и земја останаа расфрлани по коловозот.

Освен на овие локации, поројниот дожд предизвика поплави и на уште девет места низ Битола, најмногу во пониските делови од градот.

Според Центарот за управување со кризи, по пријавите преку бројот 112 на терен беа ангажирани екипи на јавните претпријатија и Територијалната противпожарна единица, кои до доцна синоќа работеа на расчистување на одводните шахти и испумпување на водата од поплавените објекти.

Новинар Емилијa Мисирлиевски
Снимател Златко Јосифовски

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Епидемија се шири низ Гостивар откако на диво била поставена пумпа која вбризгувала вода од Вардар во водоснабдителниот систем

Дејан Дејан

Доживотен затвор за синот од Богданци кој ја уби мајка си со нож

Kristina Kuzmanovski

Зеленски предложи нов министер за одбрана – протестите заради смената на Федоров не запираат

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе