Вести Македонија

Жикол – Жалиме за загинатиот работник, обезбедуваме заштитна опрема

Длабоко жалиме и сме потресени од трагичниот настан во кој загина работник вработен кај наш подизведувач, но за причините да ја почекаме истрагата. Безбедноста на сите лица ангажирани на проектот претставува највисок приоритет за нас, реагира градежната фирма Жикол, откако во петокот загина работник при пад од скеле на објект од Пречистителната станица во Скопје.

Трудовиот инспекторат утврдил низа неправилности со заштитните мерки – на објектот немало ниту колективна, ниту лична заштита. Скелето немало заштитни мрежи или други мерки за заштита од пад од височина, а работникот немал ни лична заштитна опрема, односно сигурносно јаже. Објектот на кој се случи несреќата е затворен до отстранување на неправилностите, соопшти Трудовиот инспекторат. На останатите објекти од Пречистителната работите продолжуваат.

Во Жикол велат дека нема да шпекулираат за причините за настанот и нема да изнесуваат претпоставки сè додека надлежните не ја завршат истрагата.

На градилиштето се користат исклучиво сертифицирани работни скелиња, атестирана механизација и опрема, а редовно се вршат проверки на нивната техничка исправност. Дополнително, покрај личната заштитна опрема што законски ја обезбедуваат подизведувачите за своите работници, ДГТ Жикол обезбедува и дополнителна лична заштитна опрема за сите лица ангажирани на градилиштето, велат во Жикол.

Откако во понеделникот им испративме прашања како дојде до несреќата и дали се почитувале мерките за заштита при работа, а потоа ги баравме и телефонски, во Жикол денеска испратија соопштение насловено „Демант/Соопштение“. Демантираат дека е затворено целото градилиште, туку само објектот на кој се случи несреќата.

За разлика од Трудовиот инспекторат кој соопшти дека објектот е затворен до отстранување на неправилностите, во Жикол велат дека работните активности се привремено запрени заради непречено спроведување на увидот и истражните дејствија.

Синдикатот за градежништво реагираше дека инспекциите за жал излегуваат на терен само кога ќе се случи трагедија, а не и претходно да проверат дали се почитуваат заштитните мерки и оценија дека градилиштата станале минско поле. Во Жикол велат дека таквите квалификации пред завршување на истрагата се неодговорни и непрофесионални и бараат воздржаност до завршување на истрагата.

Инвеститор на Пречистителната страница е Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје, а изведувач е конзорциум од германската компанија ВТЕ Васертехник и македонската Жикол.

 Срѓан Стојанчев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Директорката на гостиварскиот водовод за Телма: Епидемијата е поради храната која ја јаделе, а не од загадената вода – меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода

Дејан Дејан

Едночасовен дожд остави хаос во Битола

Kristina Kuzmanovski

Епидемија се шири низ Гостивар откако на диво била поставена пумпа која вбризгувала вода од Вардар во водоснабдителниот систем

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе