Трагичната смрт на 14-годишното девојче на детско игралиште во Гостивар ја потресе јавноста и отвори прашања за околностите под кои се случила несреќата. Додека истрагата е во тек, игралиштето останува затворено, а обвинителството проверува повеќе аспекти, меѓу кои и безбедноста на реквизитите.
Ова е детското игралиште каде во четвртокот навечер животот го изгуби 14-годишното девојче, кое деновиве ќе остане вака обезбедено со ленти од полицијата и нема да може да се користи, додека трае истрагата на институциите со цел да се дознаат точните причини за смртта кај детето.
Малкумина во градскиот парк денес сакаа да споделат мислења, но забележителна беше вознемиреноста од трагичниот настан. Се надеваат дека нема пак да има ваква случка – дете да го загуби животот.
„Па да ти кажам слушнав, бидејќи живеам тука, слушнав. Многу сме потресени, се чудиме и сами ова првпат се случува вакво нешто што е проблемот како е проблем, никој не знае. Да не се случи повторно. Ве молам власта да преземе по добри мерки. Да преземе да се знаат кој е овде запослен за да ги заштити децата. Не само да седне тука да земат пари, туку да го врзе, да го дотера, да го намести и да биде безбедно“, вели анкетиран граѓанин.
На барање на Телма, се огласија од Општина Гостивар од каде изразија длабоко жалење за тешката трагедија и искрено сочувство за семејството. Велат сите јавни детски игралишта се изградени согласно прописите за безбедност.
„Според неофицијалните информации, станува збор за самонесреќен случај. Сепак, очекуваме надлежните органи да ја завршат истрагата и да излезат со официјални заклучоци за околностите на овој трагичен случај. Општина Гостивар апелира до старателите, како и до социјалните служби и институциите надлежни за заштита на децата да ја зголемат грижата и надзорот, особено кога малолетниците престојуваат или се движат без придружба низ градовите и јавните површини. Воедно, ја информираме јавноста дека детските игралишта на територијата на Општина Гостивар се изградени во согласност со предвидените безбедносни стандарди“, соопштуваат од Општина Гостивар.
По трагичниот настан и по увидот кој го направи обвинител во паркот, беше дадена наредба за обдукција, како и насоки да се преземат повеќе дејствија за испитување на евентуални сведоци и проверки по однос на статусот, безбедноста и одржувањето на реквизитите поставени на игралиштето. Деновиве се постапува по наредбите, велат денес од Обвинителството со потсетување дека се додека не бидат познати резултатите од обдукцијата и другите истражните дејствија, нема да можат да се истакнат причините што доведоа до трагичната смрт на 14-годишното девојче.
Четиринаесет годишното девојче од Кавадарци со времен престој во Гостивар според извештајот на полицијата, паднало од нишалка во четвртокот околу 20 часот, по што била пренесена во Медицинскиот центар Гостивар, каде еден час подоцна дежурен лекар констатирал смрт.
Александар Самарџиев
Девојче од Кавадарци почина по пад од лулашка во Гостивар, обвинителство нареди обдукција
