Денес се очекува САД и Иран повторно да се седнат на иста маса во нова рунда на преговори. Вашингтон од Техеран бара јавно да соопшти дека Теснецот е отворен за пловидба и да се обврзе дека ќе ги запре нападите врз комерцијалните бродови. Разговорите продолжуваат и покрај новите судири оваа недела, кои Белата куќа ги оцени како прекршување на примирјето постигнато во јуни. Со тогашниот договор, Иран, меѓу другото, се обврза да обезбеди непречено пловење на трговските бродови. Но и покрај примирјето три брода беа нападнати. Според САД, Техеран зад затворени врати признал дека нападите биле грешка, но вината ја насочил кон радикална внатрешна група која, наводно врши дестабилизација.
Во пресрет на преговорите, се огласи и Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушал“. Тој се закани дека ќе бидат уништени сите ирански области, бидејќи Иран наводно подготвува план за негов атентат.
„Илјада ракети се подготвени и насочени кон Иран, а веднаш потоа би следувале уште илјадници, доколку иранската влада ја оствари својата закана да го убие или да се обиде да го убие актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, во овој случај – МЕНЕ! Американската војска е подготвена, способна и решена целосно да ги уништи сите области на Иран“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушал“.
Американски медиуми, повикувајќи се на разузнавачки информации што Израел ги споделил со Вашингтон, објавија дека Техеран неодамна разработувал план за атентат врз американскиот претседател. Иранската страна засега не ги потврди овие наводи. Амбасадорот на Иран во Обединетите нации, Амир Саеид Иравани, изјави дека САД повторно го прекршиле примирјето со продолжување на воените напади врз Иран.
„САД повторно ја прекршија својата обврска и продолжија со воени напади од големи размери против суверенитетот и територијалниот интегритет на Иран, вклучително и напади врз инсталации во јужните градови на Иран и неколку ирански острови во Персискиот Залив на 7 и 8 јули. Овие повторни напади претставуваат уште едно очигледно кршење на член два од Повелбата и суштинско кршење на став еден од Меморандумот за разбирање од Исламабад“, изјави Амир Саеид Иравани, амбасадор на Иран во ООН.
Американската делегација на денешните преговори во Оман се очекува да ја предводат потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, заедно со специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Од иранска страна, на разговорите се очекува да присуствува шефот на дипломатијата Абас Арагчи.
Tea Димковска
