Единствената шанса да се донесе нов Изборен законик е ВМРО-ДПМНЕ да го повлече барањето за електронско гласање на дијаспората, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Останува на ставот дека не треба да се брза со ова прашање и дека треба да се најде модел што нема да остава никаков сомнеж за изборни нерегуларности.
„Ако го повлечат членот со кој се менува досегашниот начин на гласање на дијаспората и се согласат да се формира работна, експертска група што ќе разговара за поинаков начин за гласање на дијаспората, но не со неуспешни примери од Европа, да се најде некаков начин. Ова е нашиот принципиелен став“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
За Филипче, и сегашниот Изборен законик е сосема во ред и не би имало никаков проблем ако остане на сила. За премиерот, токму тоа е и целта на опозициската СДСМ.
„Моето искуство покажува дека, ако сакате некоја работа да не се заврши, формирајте работна група или комисија. Јас повторно апелирам до опозицијата, да седнат и да се договорат за сите прашања, нека ни достават закон и ние ќе го прифатиме“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Претседателот на ЗНАМ поддржува една изборна единица и електронско гласање на дијаспората, но не и на локални избори, како што бараат од ДУИ.
„Подобро е да донесете нешто, отколку ништо. За нас не е спорно гласањето на дијаспората на парламентарните и на претседателските избори, само треба да се најде начин како да се изведе тоа.За локалните4 избори не се согласуваме да гласаат, затоа што тие се резиденти таму и во некои држави имаат право да гласаат на нивни избори. Како мал политички субјект, поддржуваме една изборна единица“, изјави Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ.
Партиите треба да постигнат согласност најдоцна до понеделник за да може Изборниот законик да се донесе во среда, кога е крајниот рок за исполнување на реформската агенда.
Далиборка Демјанска Цветановска
