Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, тврди дека ревизијата во установата открила бројни неправилности во работењето за претходниот период. Според неа, меѓу спорните набавки е и мрежен кабел долг 15 километри, платен околу 15.000 евра, за кој институцијата нема податоци каде се наоѓа.
Ревизијата утврдила и недостиг на документација за набавени компјутери, лаптопи и мобилни телефони. Андоновска посочи и на, како што вели, прекумерни трошоци за телекомуникациски услуги, репрезентација и исплати на додатоци на плата спротивно на законските прописи.
Таа наведе дека за одбележувањето на 100-годишнината на ИЈЗ биле потрошени околу 50.000 евра за еден час, додека преку новите мерки институцијата сега штеди околу пет милиони денари месечно. Според директорката, ревизијата била побарана токму од актуелното раководство, а наодите веќе се доставени до надлежните институции.
Таа нагласи дека при преземањето на функцијата сметката на ИЈЗ била празна, додека сега институцијата има вратени долгови и финансиска состојба од околу 150 милиони денари. Меѓувреме, Државниот завод за ревизија даде неповолно мислење за финансиското работење на ИЈЗ за 2024 година.
