Компании за топлинска енергија ги доставиле барањата до Регулаторната комисија за енергетика, за утврдување на новата цена на парното греење. Ова за Телма го потврдија од Комисијата.
И од ЕСМ соопштија дека нивните три фирми, ЕСМ Снабдување, дистрибуција и производство ги доставиле пресметките. Но, на прашањата на Телма дали и за колку се зголемени нивните трошоци, каде има најголеми промени и колкаво зголемување би побарале за услугата што ја вршат, од ЕСМ конкретно не ни одговорија. Посочија само дека на промената на цената влијаат повеќе фактори, а клучна била цената на гасот на берзите.
Од таму наведуваат и дека актуелните прогнози укажувале на раст на цената на природниот гас нкако резултат на тековните случувања на Блискиот исток кои предизвикуваат нестабилност.
Пред извесно време и првиот човек на РКЕ Ацо Ристов најави дека ќе има покачување на цената на парното , но допрва ќе се одлучува за колку. Конечната одлука треба да се донесе до крајот на јули, а да важи од август.
На почетокот на минатата грејна сезона се донесе одлука парното греење на поскапи за 5, 9 отсто за да може да се инвестира во мрежата.
Од ЕСМ уверуваат дека работат на одржување, проширување и реконструкција за да се намалат загубите на вода и да се зголеми ефикасноста на системот. И дека вакви активности особено се правеле во летните месеци.
Минатата грејна сезона беше со доста проблеми предизвикани и од мрежата, но и од внатрешните инсталации.
Инаку, трите фирми на ЕСМ кои за време на претходната енергетска криза беа формирани за да го менаџираат парното, се на листата должници на Министерството за финансии. Со најголем долг од 33 милиони евра е ЕСМ Дистрибуција.
