Меѓународната конфедерација на синдикати во својот Извештај за 2026 година – Индекс за глобални права, повторно ја рангира Македонија во групата земји со систематско прекршување на работничките права.
Земјата е оценета со 4 од можни 5 степени, што ја сместува меѓу државите со сериозни ограничувања на синдикалните слободи и правата на работниците.
Во извештајот се нотираат напади и притисоци врз синдикалните претставници, вклучително и случаи на нарушување на приватноста на лидерите на синдикатите и нивните семејства.
Дополнително, извештајот укажува на формирање и дејствување на таканаречени „жолти синдикати“, како и на обиди за ограничување на слободното синдикално организирање и колективното договарање.
Како една од клучните причини за ваквата оценка се наведуваат тензиите поврзани со барањата за зголемување на платите и работничките протести организирани од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Од ССМ оценуваат дека извештајот претставува сериозно предупредување за потребата од итни реформи и поголема заштита на работничките и синдикалните права во земјата.
