Европската комисија го потврди она што го зборува СДСМ со месеци – Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ вршат системски притисок врз судството и обвинителството, а корупцијата е неказнива, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во денешното соопштение.
Од СДСМ посочуваат дека нотираните забелешки за мешање и притисоци врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта не се само општа забелешка, туку „директна и сериозна дијагноза“ за состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија.
„Комисијата предупредува дека измените на Кривичниот законик повторно создаваат простор за неказнивост, дека постои политичко влијание врз постапките на судиите и обвинителите и дека независноста на правосудниот систем е сериозно загрозена“,
се вели во партиското соопштение.
Од опозицијата додаваат дека ова се случува во момент кога државата треба да ги исполни најстрогите стандарди за владеење на правото со цел да го продолжи својот пат кон Европската унија. Според СДСМ, наместо реформи и независни институции, граѓаните во моментов добиваат политичка контрола, селективна правда и заштита на криминалот на власта.
Од СДСМ потенцираат пораката од Европската комија е јасна дека без вистинска независност на судството нема напредок кон ЕУ.
„Она што Европската комисија го забележува како системски проблем е токму резултат на политиката која ја води Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО. Мицкоски и ВМРО, наместо да ги спроведуваат реформите, продолжуваат со истата практика на притисок и контрола која ја имаа и во минатото“,
се додава во соопштението.
Од партијата упатија повик за одговорност и обезбедување услови за независно судство.
