Продолжува истрагата на полицијата и обвинителството за масовното труење во Гостивар. Симптоми, повраќање, стомачна тежина и дијареја, пријавиле над 1.200 жители на Гостивар, а пациенти пристигнуваа во болницата и вчера попладне пред камерата на Телма.
Првичните сомнежи се дека труењето е од водата од градскиот водовод, а издадена е забрана за пиење. Почнати се лабораториски анализи во ИЈЗ во Скопје и тие треба да завршат во рок од 48 часа по почнувањето на испитувањето.
Од гостиварското јавно претпријатие тврдат дека водата не е причина за масовното труење, но полицијата веќе отвори постапка за кривично дело “Загадување вода за пиење” по член 219 од Кривичниот законик, поради сомнежи дека за да се зголеми притисокот во мрежата директно со пумпи се земала непрочистена вода. Гостиварските надлежни институции негираат и повикуваат на смиреност додека траат анализите.
Со членот 219 предвидени се и затворски казни за загадувачот, доколку истрагата го докаже кривичното дело.
Загадување вода за пиење
Член 219
(1) Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.
(3) Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
