Неколку ученички се насилни кон нивна соученичка, додека останатите снимаат со мобилни телефони и се потсмеваат. Вознемирена и оставена без поддршка, девојчето се обидува да си го одземе животот. Ова беше симулација преку која сакаа да ја прикажат реалноста низ училиштата. Денес, средношколци ја испратија пораката за сериозните последици што ги остава врсничкото насилство. По завршувањето на перформансот, се наредија така што слоговите на нивните маици ја формираа пораката: „Ова ли е крајот кој го сакате?“.По повод Меѓународниот ден на детето, учениците со порака: насилството не смее да се игнорира.
„Јас сум била сведок на насилство повеќе пати бидејќи тоа е многу честа појава во училиштата. Секогаш постапувам на тој начин што прво се обидувам да видам за што точно станува збор, ако сметам дека можам се обидувам самиот да ја решам ситуацијата меѓу учениците, а ако тоа не успеа барам помош од психолог“, вели ученичка.
„Поентата е луѓето да ги видат ефектите на меѓуврсничкото насилство и општата порака од настапот е кога ќе видиме некој вид на насилство да се обидиме да го спречиме со преземање на одредени мерки“, рече ученик.
Професорите велат дека децата често го пресликуваат однесувањето што го гледаат кај возрасните, па навредите и агресивната комуникација во јавноста оставаат последици и во училиштата. Според нив, потребна е поголема вклученост на родителите, институциите и наставниот кадар, како и дополнителни обуки за справување со случаи на насилство.
„Живеееме во свет полн со насилства и се тоа се пресликува во училиштата. Нашите ученици заслужуваат безбедна училишна средина, а тоа може да го постигнеме само ако заедно родители, наставници и институции изградиме средина на мир, почит и љубов“, кажа Валентина Штерјовска, професорка.
Неодамна Министерството за образование најави измени на Законот за основно образование со кои се предвидува родителите да платат 250 евра доколку нивното дете изврши врсничко насилство или одбиваат да соработуваат со инстотуциите. Тоа следува по серијата случаи врсничко насилство во училиштата. Деветтоодделенец од Ченто беше во критична состојба откако поранешен ученик го избоде во училиштето, а во ист период ученичка од Ѓорче Петров беше тепана од нејзини соученички.
Тамара Марковска
