Статутот на Друштвото на писатели на Македонија не е усогласен со новиот, актуелен Закон за здруженија и фондации, вели Гордана Јовиќ- Стојковска, романсиер, поетеса, преведувач и литературен критичар, која викендов со мнозинство гласови беше избрана за нова претседателка на Друштвото , на одржаното редовно изборно Собрание. Нејзин приоритет за зацврстување на темелите на ДПМ, како што рече, е промената на Статутот, за да Друштвото на писатели од здружение премине во здружение од јавен интерес.
- За жал Друштвото на писатели се смета за здружение. Неговиот статус во општеството е здружение. А, имаме можност она што го дава капацитетот на законодавството да станеме здружение од јавен интерес, каде што имаме некоја поддршка да речеме и финансиска малку, колку што знам од она како оди, рече Гордана Јовиќ- Стојковска, претседателка на ДПМ.
За таа цел, на еден од следните состаноци на ДПМ ќе се формира Статутарна комисија и ќе ангажираат адвокат , а предлогот од Комисијата ќе оди на јавна расправа пред членството.
Согласно новиот Статут, ќе се формира и Надзорна комисија што ќе ја проверува работата на Друштвото, кажа претседателка. Како дводомна авторка, родена во Србија, а студирала и денес живее и работи во Македонија, Јовиќ- Стојковска соработува со писатели од регионот.
Па, меѓународната соработка во насока на преведување дела од македонските писатели, е исто така нејзин приоритет.
- Значи мораме да имаме соработка. Мораме да најдеме начин нашето слово да стигне до други. Не е работата да сте уметник, а да сте во една затворена средина. Морате да го отворите тој простор и да се чуете и настрана. Да се преведува, кажа Јовиќ- Стојковска.
Поголемо присуство во јавноста на домашните писатели кои не живеат во Скопје, проширување на програмските содржини, приближување на домашните автори до најмладите читатели , поцврста издавачка политика и афирмација на авторите кои живеат во странство преку награди, се заложбите на новата претседателка на ДПМ.
Сотир Трајков
Б.С.
