Пешачките премини се местата каде граѓаните најбезбедно го минуваат коловозот. Но, таму каде што тоа не е можно, се градат подземни и надземни премини кои треба да овозможат сигурно движење. Скопје има неколку такви, но дел од нив денес повеќе наликуваат на заборавени простори, отколку на безбедни пешачки коридори.
Кај трговскиот центар „Скопјанка“, во Oпштина Аеродром, се наоѓа еден од подземните пешачки премини. Затворени дуќани, отпад и недоволно осветлување е сликата што ја затекнавме на терен.
„Секогаш за безбедноста за себе прво, а и безбедност на возачите. Ако се поминува преку улица може да се случат ненадејни несреќи да се случат“, вели скопјанец.
Само неколку километри подалеку, во соседната Општина Гази Баба, состојбата е уште полоша. Подземниот пешачки премин спроти општинската зграда е во лоша состојба. Слабо осветлување, влага која го нагризала таванот до степен што е видлива и арматурата. Искршени врати и оштетени скали се дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.
И покрај тоа што овој премин е многу фреквентен и го користат голем број студенти и жители, впечатокот е дека одамна нема посериозна санација.
„Кај нас овие пешачки премини секогаш се прљави и нечисти. Што да ви кажам, треба да се обрне внимание на хигиената, малку и да се искречат. Гледајте на што личи ова. Хигиената е најголем проблем, а и не секаде се безбедни, особено навечер да се помине“, коментира жител на главниот град.
Подземните пешачки премини се надлежност на Град Скопје. Велат дека ја следат состојбата и планираат активности за нивно уредување и подобрување.
„Активностите што ги планираме во блиска иднина опфаќаат редовно чистење и отстранување на отпадот, унапредување на осветлувањето, како и подигање на општото ниво на безбедност за сите корисници на овие јавни простори. Дополнително, Град Скопје продолжува со засилени инспекциски контроли, со цел спречување на понатамошни оштетувања и несовесно однесување кон подземните премини“, информираат од Град Скопје.
За поголема безбедност на пешаците, надлежните низ годините изградија и неколку надвозници. Еден од нив е на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае, каде што сообраќајот е многу фреквентен, а во непосредна близина се наоѓа и основното училиште „Димо Хаџи Димов“. Овој надвозник е поставен за безбедноста на учениците и на жителите, но е пуштен да се користи само во одредено време. Катанецот е тргнат, а вратата отворена од 7 часот наутро до 10 часот навечер, само во работни денови.
„Преминот „Влајко“ е многу често цел на вандалски напади, пришто во неколку наврати е демолиран лифтот, ескалаторот како и останатите простории, за што Општина Карпош постојано ги презема потребните мерки и ги реализира сите поправки. Доколку преминот го оставиме отворен и во вечерните часови, голема е веројaтноста да ни се случат ситуации на собирање на лица кои користат алкохол, опојни дроги, вршат физиолошки потреби, кршат стакла, како и други девијантни појави“, велат од Општина Карпош.
Но, токму тие содржини денес не се во функција. Лифтот и ескалаторот се затворени со железни врати и катанци, а руинирани се и тоалетите. Во просторот се чувствува непријатен мирис, а делови од таванот се распаднати. Тука се наоѓаат и простории на службите за помош на граѓаните, но за време на нашето снимање тие беа празни.
Доколку сакате да го користите овој релативно нов надвозник, ќе наидете на затворени врати, па за многумина единствената алтернатива останува нелегалното преминување на булеварот, со што директно го ставаат во ризик сопствениот живот.
„Не го користам, затоа што е многу високо. Страшно е, светла навечер нема, страшно е да поминеш од таа страна, затоа никој не го употребува. Јас 73 години да се качувам по скали, не може, нема шанси. Мора да поминат за поблиску и плус стари луѓе натоварени не можат да се качат. Ова за џабе го направија, ниту еднаш никој не се качил“, забележува скопјанка.
Од општината велат дека заедно со Град Скопје и останатите институции работат на негова санација и повторно ставање во функција.
„Како последица на неодговорни постапки, како и на пожар што се случил во минатото, надвозникот претрпел делумни оштетувања. Поради тоа, истиот моментално не е во функција и затворен е за користење“, велат од Општина Чаир.
Прашањето за безбедното преминување на улиците во овој дел од градот повторно се отвори пред една недела, кога градските власти се обидоа да постават ограда кај дивиот премин во близина на Бит Пазар. Но, беа спречени од жители кои организираа жив штит и поставија шатор на локацијата.
И додека надлежните ги одбегнуваат, а надлежните мислат што да прават, подземните и надземните пешачки премини остануваат да сведочат за колективната негрижа. Запуштени, руинирани, небезбедни, валкани, темни.
Симона Петровска
