Само до април, Македонија веќе испорачала над 5.000 сезонски работници во Хрватска, покажуваат официјалните статистички податоци на таа држава. Според хрватското Министерство за внатрешни работи, исклучувајќи го периодот на пандемијата, секое лето таму одат меѓу 10 и 14 илјади работници на сезонска работа.
„Генерално Македонија има одлив на сезонска работна сила и тој циклус јас го следам од 1998 година наваму. Имаше осцилации во одредени години. Последните, би кажал 10-20 години, стандардно е, стандарден е бројот на сезонски мигранти и работници кои се обидуваат да најдат работа или работат во земјите на ЕУ. Доминира маркетот во Хрватска, каде што Македонија редовно има 12-17 илјади лица кои работат од шест до девет месеци. Втора и натаму останува Германија, со тоа што оваа сезона бројките во Германија се драстично намалени. Ако редовно имавме отприлика од 3-4 илјади лица, моите наоѓања или анализи кои ги правевме кажуваат дека не се повеќе од 2.000“, вели Зоран Кочоски, генерален директор и сопственик на „Коузон корпорација“.
Традиционално, најголема побарувачка за сезонски работници во странство има во угостителските и услужните дејности, како и во градежништвото. Но, тоа што порано беше можност за дополнителна заработка за помладите, сега веќе е примамливо дури и за пензионерите.
И додека Македонија испорачува работна сила на европските земји, компаниите од Македонија се снаоѓаат со вработување лица од трети земји.
Кај нас, Агенцијата за вработување е надлежна за издавање работни дозволи за странци кои веќе го имаат регулирано престојот во државата по друг основ, како и за давање мислење во постапките за регулирање на привремен престој во земјава заради работа.
Заклучно со 27 мај, агенцијата издала 305 работни дозволи, а дала скоро 3.000 мислења за вработување на странци во државата. Притоа, најголем дел од барањата се за државјани од Бангладеш, Турција, Непал и Индија.
Мирјана Јовеска
