Американскиот претседател Доналд Трамп е во одлична здравствена состојба, со добра срцева, белодробна, невролошка и општа физичка активност, е наведено во соопштение на Белата куќа, врз основа на резултатите од медицинскиот преглед oваа недела, објавија светските новински агенции.
По неговата посета на Националниот воено-медицински центар „Волтер Рид“ во вторникот, трета во последните 13 месеци, Трамп рече дека „сè поминало совршено“.
Трамп, кој сега има 79 години, е најстарата личност што ја презеде функцијата претседател на САД, потсетуваат агенциите. Тој често се претставува себеси како поенергичен и во подобра физичка состојба од неговиот демократски претходник Џо Бајден, кој ја напушти функцијата минатата година на 82-годишна возраст по сомнежи за неговата способност да ја извршува функцијата.
Сепак, неодамнешните фотографии што покажуваат осип на вратот на Трамп покренаа нови прашања за неговото здравје, додека слики од јули 2025 година покажаа отечени глуждови и модринка на раката покриена со шминка.
