Пролетта го врати животот во селата и на нивите низ источниот регион, а се вратија и штрковите низ оризовите полиња. За оваа убава бела птица со широки крилја се верува дека носи живот, среќа, па оттаму и преданието дека белиот штрк ги носи и бебињата. Но, во 11-те општини во Источниот, или познат како Брегалнички, регион веќе над две децении, штрковите во семејствата поретко носат убави вести, наталитетот е во минус, а морталитетот во плус.
Според податоците од публикацијата за регионите на Државниот завод за статистика објавена лани, на истокот во 2024 година има повеќе починати граѓани, отколку што се родиле деца. Се родиле само 936 новороденчиња, а починале 1.974 граѓани. Затоа и природниот прираст за 2024 година е во голем минус и изнесува 1.038.
Овие податоци на терен се уште повидливи. Се затвараат училишта, конфекции, а дел од нивите се обраснати со трева, трска и трње, бидејќи не се обработуваат. Во 2023 година во Штип, во Карбинци, во Пробиштип, во Чешиново-Облешево, во Зрновци, во Кочани, во Виница, во Македонска Каменица, во Делчево, во Берово и во Пехчево имало 86 основни училишта, а во 2024 се затвориле три, па сега наставата се одржува во вкупно 83 деветолетки.
Телма ја посети најголемата рурална општина на истокот, Чешиново-Облешево. Во неа живеат околу 6.000 жители во 14 населени места. По улиците,парковите и во училиштата има се помалку деца и млади луѓе. Миграцијата од село во град или во странство веќе си го има земено својот данок.
„Имаме две централни училишта во Облешево и Чешиново и Соколарци кои што се основни училишта и кои што ги опфаќаат подрачните училишта од останатите населени места. Така да, вкупната бројка на ученици во двете училишта се движи од 160-тина до 170 во текот на различна учебна година“, вели Јорданчо Костадинов, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Телма: Вие сте наставник, за разлика од пред 10 години и сега, колку е намален бројот на ученици?
„Енормно е намалувањето на бројката на новозапишани ученици во сите училишта, можеби некоја стабилност се чувствува во едно до две населени места Спанчево, Облешево. Тоа се места каде што се забележува, но не е толку изразена тенденцијата на намалување на бројот на учениците. Во останатите подрачни училишта тенденцијата е многу поголема и ќе се соочиме во многу брзо време со потребата од можеби затварање на дел од тие училишта“, вели Јорданчо Костадинов градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Производители на ориз во Облешево велат дека по нивите се, пред сè, пензионерите, ретко можат да се забележат помлади земјоделци.
„Порано селото го хранеше градот, сега градот го храни селото“, рече Здравко Арсов, оризопроизводител и жител на село Облешево.
Телма: А Облешево какво село е?
„Облешево беше едно од најдобрите, најразвиените села. Немаше куќа што немаше крава. Немаше куќа што немаше свиња, по пет-шест. Сега тоа веќе е именка“, се навраќа Арсов.
Телма: А младите каде се?
„Младите, кој најде пат, таму оди, Швајцарија, Германија, Италија, Хрватска, ама тука стварно не бива. Со земјоделие, сакам да кажам, дека не се живее“, потенцира Арсов.
Телма: Според ваши проценки, за 10 години колку се намали бројот на жители?
„Морталитетот е зголемен, толку ќе ви кажам за 10 дена имаме 10 починати. Тоа е нешто страшно, а наталитетот дали едно дете во една година ќе се роди“, додава Арсов.
Додека едни се по нивите, други пензионери и поранешни земјоделци се седнати на клупите спроти зградата на општината. Еден од нив е 90-годишниот Киро Стаменков, кој заедно со неговите пријатели го поминува времето. Одамна ги продал нивите, а децата му се иселиле во странство.
„Е па, што знам си заминаа. Како да ти кажам, гледаат сите одат и они одат. Контактираат тие, ми се јавуваат насабајле, навечер, „тате како си“, па им викам „Мерам притисокот, кога ми е зголемен, пијам апче, кога ми е… се одржувам“ викам, кога на лекар и така и викам при крај сме ние“, вели чичко Киро.
Телма: Има ли шанса да се вратат?
„Шанси да се вратат, што ќе се вратат, внуката е во Германија и зетот е таму. Внукот Кире се вика, не сакаше да учи, сега ќе учел авијатичар да биде, ќе вози авиони“, вели Стаменков.
Стојко Николов од село Облешево веќе 52 години живее во Германија. Си доаѓа неколку пати годишно во Македонија и во неговото родно село. И неговите деца кои имаат германско државјанство во Облешево доаѓаат само кога имаат годишни одмори.
„Имам едно внуче, добро си живеат. Синот има купено стан, ќерката има купено стан. Мојата бивша има купено стан. Јас купив четири стана во Бретен, да се пофалам, и така. Во пензија сум, добро е. Кога доаѓам тука малку со другарите, пријателите седиме, си правиме муабет и така. Еве синот ми звони од Германија“, раскажува Стојко Николов од Облешево.
Помладите, кои сè уште се занимаваат со земјоделство, се по нивите, но и бараат начин да го продадат оризот од ланската реколта за да преживеат и инвестираат во новата сеидба.
„Оризот е за никаде. Катастрофа. Еве јас сум земал сега две ќесиња мустра, ќе одам од фабрика во фабрика. Ако сакате дојдете со мене, еве ги. Две ќесиња мустра и одам од фабрика во фабрика, прашувам арпа да го продадам, кој колку пари ќе даде и колку ќе ви дадат. Па ќе дадат 20 денари, најмногу 22 денари. Еве „Сан Адреата“ е најмногу 22 денари и не земаат, плус не откупуваат“, се жали Јоце Ангелов, оризопроизводител од село Облешево.
Телма: Колку ориз имате во амбарот?
„Па има 40-50 тони имам сигурно ориз. Од лани стои целиот, не само кај мене. Кај многу народ и не го ни земаат“, додава Ангелов.
Голем дел од младата популација низ селата во Општина Чешиново-Облешево се вработени во фабриките во Кочани и во Штип, бидејќи, како што велат, од земјоделство не се живее, поради немање на сигурен откуп на оризот и ниските цени на земјоделските производи. Руралните општини имаат проблеми со буџетите, бидејќи некои од нив се заглавени и во долгови, а нивните жители имаат свои потреби. Од општината бараат да имаат чиста питка вода за пиење, канализација и асфалтирани улици.
„Ниските населени места како што е Облешево, Чифлик, Чешиново, Уларци се населени места кои што немаат функционално снабдување со вода. Тоа е еден од најголемите проблеми моментално со кои што се соочуваме ние како локална самоуправа. Иако во претходните мандати се правени обиди да се обезбеди вода за пиење, снабдувајќи се од централниот водовод во Кочани, кои што и капацитетски и ценовно не се добри услови, да можеме ние да се снабдуваме во моментов од таму со вода. Размислуваме за алтернативни начини на снабдување со вода на оние населени места, во смисла на тоа да работиме на изработка на проект, со кој што ќе се снабдиме со вода за пиење од сопствени извори. Но, верувајте дека тоа се и многу скапи и тешки за работа проекти за кои што е потребно и повеќе време и поголеми финансии“, истакна Јорданчо Костадинов, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Во источниот регион каде што се произведува кочанскиот ориз, пченица, јачмен и изобилува од овошни насади од сливи и вишни, секоја година земјоделците и овоштарите имаат проблеми со несигурниот откуп, но и со климатските промени. Населението од руралните подрачја мигрира кон градовите или во странство, па според податоците на Државниот завод за статистика во 2024 година е забележано дека 185 граѓани се иселиле во други држави.
Државата, со цел да се запре иселувањето на младите, изработува Стратегија за демографски развој и отпорност.
„Нашата цел е јасна, да изградиме силен и применлив документ што ќе донесе реални и мерливи резултати. Нашиот фокус е да создадеме услови во кои младите ќе ја гледаат својата иднина дома, со стабилни работни места, квалитетни јавни услуги и сигурна перспектива. Истовремено, работиме на политики што ќе ги поттикнат и оние што заминале да се вратат и да инвестираат во својата татковина“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади на 7 мај 2026 година.
Експертите велат дека секој инвестиран денар, односно долар, во информациите и податоците за демографијата, носи поврат и се гради помудра, попаметна економија. На истокот каде што се претпоставува дека има 146.920 жители има 217 населени места, а просечната нето исплатена плата по вработен е 35.256 денари, со што вработените од овој регион за речиси 11.000 денари имаат пониски плати од вработените во скопскиот регион.
Викторија Јованова
