Вести Македонија Топ вести

Трагедија во Кумановско -13-годишно дете загина со електричен тротинет

Во трагична сообраќајна несреќа во кумановско, животот го загуби 13 годишно дете управувајќи електричен тротинет. Сообраќајката се случи синоќа околу 21 часот на регионалниот пат Куманово–Скопје кај селото Черкези, кога тротинетот се судрил со патничко возило „мерцедес“, управувано од 24-годишник од Куманово.

„По несреќата малолетникот бил пренесен во Општата болница Куманово, каде од страна на лекар била констатирана смрт. Во 21:20 часот во Полициската станица Куманово, возачот бил лишен од слобода. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово“ – изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Тешката  сообраќајна несреќа, во која жртва е малолетник на тротинет, повторно го отвора прашањето за безбедноста на овие превозни средства. Неодамнешното истражување на Техничкиот факултет во Битола и Републичкиот совет за безбедност во  сообраќајот покажа дека дури 93 проценти од возачите на електрични тротинети прават сообраќајни прекршоци.

Стручната јавност предупредува дека државата нема соодветна инфраструктура и доволно прецизни законски решенија за безбедно учество на електричните тротинети во сообраќајот. Според експертите, потребни се законски измени и поголема едукација на граѓаните.

-Се уште не сме подготвени ниту инфраструктурно, ниту од аспект на законската регулатива, ниту пак од аспект на нивото на едукација на возачите на овие електрични тротинети, за да можеме да ги интегрираме со останатите учесници во сообраќајот, вели проф. д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола. 

-Законот мора да претрпи одредени корекции. Потребно е да се допрецизираат правилата и прописите под кои овие учесници ќе можат да учествуваат во сообраќајот, на кои површини ќе се движат, со која брзина и која ќе биде минималната возраст за управување, изјави Горан Ангеловски, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според официјалните податоци, во текот на 2025 година биле регистрирани 147 сообраќајни незгоди со електрични тротинети, во кои има една жртва, а десетици лица биле повредени. Само во првите три месеци од годинава се евидентирани уште 12 вакви несреќи.

Во меѓувреме, МВР информира дека во изминатото деноноќие биле приведени девет возачи поради безобѕирно управување со возила. Четири лица биле затекнати како управуваат возила без возачка дозвола, а три лица возеле мотоцикли без положен возачки испит. Поради возење под дејство на алкохол, приведени се и двајца возачи. Против сите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Москва прогласи двајца италијански дипломати за непожелни откако Италија протера руски аташеа под сомнение за шпионажа

Sonja Petrusevska

Граѓаните штедат, ама и се задолжуваат

Sonja Petrusevska

Владин заклучок без ефект, институциите и натаму со милионски долгови за струја и парно

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе