Првата национална проценка на нутритивните средини во училиштата во земјава покажува дека децата најчесто имаат лесен пристап до нездрава храна и пијалаци, додека здравите опции се ограничени. Истражувањето, спроведено со поддршка на UNICEF, опфатило 40 основни и средни училишта и околу 1.700 ученици.
Според наодите, во сите училишта каде што се продава храна, понудата главно се состоела од нездрави производи, а во близина на училиштата доминираат реклами и продажба на засладени пијалаци и ултрапреработена храна.
Истовремено, повеќе од 80 проценти од учениците поддржуваат воведување поздрави оброци во училиштата, а мнозинството смета дека намалената достапност на нездрава храна би помогнала за поздрав избор.
Во извештајот се препорачува зајакнување на стандардите за училишна исхрана, ограничување на продажбата на храна богата со шеќер, сол и масти, како и построги мерки против рекламирањето нездрава храна.
