По долгото чекање на конечната верзија, предлог законот за зашита од пушењето наредната недела треба да помине на владина седница. Наместо Закон за заштита од пушење, новиот предлог ќе го носи името Закон за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи. Со новото законско решение, терминот „пушење’ се заменува со поширокиот термин „употреба“, со што ќе бидат опфатени електронските цигари, несогорливите тутунски производи и сите идни форми на консумирање никотин и тутун, дознава Телма. Усогласувањето со министерството за земјоделство заврши, со што министерството за здравство ги финишираше разговорите со сите надлежни институции.
„Примената на законот ќе биде одма по изгласувањето. Имаме само две одредби таму каде што имаме одложување, за инфраструктурата на терасите за да може да се прилагодат кон барањата на законот. Другото ќе биде од истиот ден кога законот ќе биде изгласан, од истиот ден законот ќе биде во сила“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Сепак, министерот Алиу вели дека донесувањето на законот нема да биде доволно, доколку тој доследно не се спроведува на терен. Податоците, според надлежните, се алармантни, 45 проценти од граѓаните се активни пушачи, а особено загрижува фактот што сè повеќе млади почнуваат со употреба на никотински производи уште на рана возраст, со што се зголемува ризикот од долгорочни здравствени последици.
„Од бројките кои што се поврзани како тригер, каде што може да се земе пушењето, се над 12.000 смртни случаи во годината. Но, зборувам никаде не се води евиденција дека да овој починал од пушењето, него од некоја од заболувањата каде што тригер може да биде пушењето. Кардиоваскуларни, белодробни заболувања, малигните, канцер… Околу 12.000 во текот на годината“, рече Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.
Во обид да се намали употребата на тутун, министерството за здравство најави дека матичните лекари ќе може да препишуваат лекови за одвикнување од пушење.
„Министерството за здравство ја ажурираше есенцијалната листа на лекови и во неа првпат се ставени лекови за одвикнување од пушењето и контрацептивните средства, а тоа се трансменталните фластери и никотинските гуми за џвакање. Целта е да се зголеми нивната достапност во нашата држава, да бидат препознаени од јавноста, исто така од фармацевтските компании за нивната потреба да се користат и да може матичните лекари да ги препишуваат истите“, додаде Алиу.
Надлежните размислуваат и за зголемување на акцизите, со цел граѓаните двапати да размислат пред да купат тутунски производи. Предлог-законот првично беше најавен да почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. Денеска се одбележува и Светскиот ден без тутун.
Симона Петровска
