Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Пред Судот беа презентирани докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката Пулс. Во судница беа презентирани 19 записници од вршење увид од комунални инспектори во Кафе бар Класик, каде во сите како управител стои Митко Стојанов и се вршени во негово присуство.
Одбраната на Митко Стојанов на почетокот до Судот достави предлог за укинување на мерката притвор и замена со мерки за претпазливост, укажувајќи дека тој повеќе од една година е без работа и приходи и мора да работи за да го враќа хипотекарниот кредит за да не остане без куќа.
