Вести Македонија Топ вести

Се изгласаа измените на Законот за студентски стандард – Николова и Бојковска ги судрија ставовите кој повеќе се грижи за студентите

На денешната пленарна седница на Собранието, со 64 гласа „за“ и 10 „против“, беа изгласани измените на Законот за студентски стандард по скратена постапка. Предлог-измените ги поднесоа пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска, Каролина Насковска, Ангелина Петкова, Катерина Димитровска, Лидија Петкоска и Рашела Мизрахи. Во текот на општиот претрес пред гласањето, иако беа регистрирани 95 пратеници, единствено за збор се јавија пратеничките Даниела Николова од СДСМ и Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Атмосфера од денешната 102. Седница на Собрание на Република Северна Македонија

Николова оцени дека измените се носат без консултација со студентите и дека ќе значат дополнителен товар за младите.

„Денес имаме потврда дека младите за оваа власт не се приоритет. Ако вчера го одбија законското решение за финансиска поддршка за основните и средните училишта кои одат на меѓународни натпревари, денес на удар се студентите. Новите законски измени во Законот за студентски стандард се носат по скратена постапка, без да бидат вклучени оние кои се најзасегнати, а тоа се студентите. Тоа стана пракса на оваа власт – сериозни законски измени да се носат зад затворени врати и во партиски штабови. Наместо подобри услови, повеќе шанси и сигурна поддршка, студентите добиваат кратења, поделби и нови финансиски удари. Студентските домови ги делат на два типа – едните ќе бидат подобри, реконструирани и енергетски ефикасни, додека другите ќе останат стари и недостојни. Побогатите ќе живеат во подобри услови, додека оние што немаат ќе мора да ги прифатат постојните услови“ објаснуваше пратеничката Даниела Николова од СДСМ. 

Даниела Николова, пратеничка од СДСМ

Николова се осврна и на измените на бројот на стипендии за социјално ранливите категории студенти и за студентите кои покажуваат особен успех.

„Затоа никој од ВМРО-ДПМНЕ не смее да прашува зошто младите се исселуваат и зошто секој втор млад човек иднината ја гледа надвор, затоа што се уморни од овие неправди“, рече Николова.

На нејзините критики, одговори пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, која ги отфрли обвинувањата како „невистини“ и „евтин партиски прес“.

„Не знам од каде ви е храброста да излезете на говорница и да зборувате за младите и за тоа што сте направиле, а што се случува сега. Апсолутни невистини, и навистина ова ми изгледа како евтин партиски прес од Бихаќка. Тоа се лаги кои мора да бидат побиени и пред македонската јавност. Студентите и младите многу добро паметат што сте направиле и што сте оставиле. Дојдовте со ветување за студентски градови, а не направивте ниту едно село. Фактите говорат дека никому не му се ускратува правото на стипендија, особено не на студентите. Согласно информациите, од 2020 година досега за социјалната категорија се доделувале околу 1.500 стипендии, а квотата никогаш не била целосно пополнета, туку најчесто достигнувала до 1.200. Тоа значи дека средствата кои остануваат неискористени се пренаменуваат за друга категорија, односно за стратешките области“, и одговори пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ. 

Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ

Таа дополнително посочи дека е срамота СДСМ да зборува за студентските домови, бидејќи не оставиле ниту еден целосно реконструиран и рехабилитиран дом. Бојковска вети дека оваа влада, до крајот на мандатот ќе ги реконструира сите државни студентски домови.

Во реплика пратеничката Николова рече дека владејачкото мнозинство не воведува нови категории, туку наместо тоа кратења, а за реконструкцијата на студентските домови посочи дека дел од проектите биле започнати уште во времето на владата на СДСМ. Таа додаде дека состојбата во студентските домови и понатаму е несоодветна, споменувајќи ги и објавените случаи со стаорци во домовите.

Теа Димковска

Министерката Јаневска уверува дека нема да се кратат стипендии за социјални категории со новите измени на Законот за студентски стандард

Со новите законски измени за студентски стандард се намалуваат стипендии за социјални категории и се зголемуваат трошоците за сместување во студентските домови

(Видео) Со кофи и метли студентите сместени во домот „Гоце Делчев“ се „борат“ против стаорци – надлежните од домот уверуваат дека дератизација се спроведува деновиве

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода под истрага и на лабораториска анализа- над 1.200 луѓе пријавиле симптоми на труење

Дејан Дејан

МОН го објави конкурсот за студентските домови – во реновираниот дом „Стив Наумов“ ќе се плаќа 6600 денари додека во другите 3410 денари

Tea Dimkovska

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе