Извозот на македонски производи преку мрежата на трговскиот гигант „Лидл“ надмина 15 милиони евра, а тие продукти се дел од редовниот асортиман што овој ланец маркети го нуди во европските земји. Иако сè уште се чека отворањето на маркетите во Македонија, сепак ефектите од присуството на „Лидл“ се чувствуваат преку растечкиот извоз на македонски производи во Европа.
Оваа компанија им помага и на домашните производители за да ги исполнат високите европски стандарди за квалитет. Во „Бизнис објектив“ зборуваме за тоа како „Лидл“ успева да понуди производи со висок квалитет по пониски цени и што ќе донесе влезот на овој трговски гигант за конкуренцијата и потрошувачите во земјава?
Во оваа емисија носиме приказни и за успешни стартапи од Македонија. Двајца Македонци веќе неколку години се посредници за отварање компании во САД, обезбедувајќи ги сите неопходни услови за функционирање на тој пазар. Со исклучок на основачкиот влог од 4.000 долари, овој стартап е профитабилен уште од првиот клиент. Првично работеле со фриленсери, а сега нивни главни клиенти се ИТ фирми од околу 40 земји од светот.
Ќе видиме и како една идеја од Битола со првична поддршка од 3.000 евра прерасна во софтверско решение за контрола на пристап во приватни домови, фирми и хотели и наскоро ќе се инсталира на дури 200 бунгалови на Брегот на слоновата коска.
