Примирјето на Блискиот Исток засега нуди само стабилна цена на нафтата на ниво од околу 95 долари за барел, но не и дополнително поевтинување. Иако зборуваме за значително пониски цени на брент нафтата, чија цена по избувнувањето на војната надмина 110 долари за барел, сепак споредено со почетокот на годинава нафтата е за скоро 60 отсто поскапа.
Тоа се пресликува и на цената на горивата. Иако во изминатиот период Владата донесе одлуки со кои што го намали ДДВ-то за горивата од 18 на 10 отсто, а ја коригираше и акцизата, сепак од почетокот на годинава бензините во земјава се поскапи за околу 20, а дизелот за околу 50 проценти.
Премиерот Мицкоски вчера рече дека согласно движењето на цените на нафтата на светските берзи и актуелните мерки, се очекува Регулаторната комисија за енергетика да ги намали цените на горивата за денар и половина за бензините и за два и пол денари за дизелот.
Според тоа, Македонија и натаму продава најевтини горива споредено со државите во регионот. Актуалната цена на горивата е 83,5 и 85,5 денари за бензините, а 98 денари за дизелот. Претворено во евра, бензинот чини 1,36, а дизелот 1,59 евра, или значително помалку споредено со регионот.
Но, истовремено, Македонија има и убедливо најниски плати. Просечната нето плата во земјава е 46.617 денари, или 758 евра. Тоа е околу 80 евра помалку од Босна и Херцеговина, каде просечната плата е 841 евро. Во другите држави платата надминува 1.000 евра.
Ако се пресмета куповната моќ, резултатот повторно не е наклонет на наша страна. Со просечната плата Македонецот може да купи 477 литри дизел, што е повеќе единствено од Босна и Херцеговина, каде со просечната плата може да се платат 462 литри дизел. Во сите останати држави куповната моќ е значително подобра, почнувајќи од Србија и Црна Гора, каде со просекот може да се купат 80, односно 100 литри повеќе, па сè до Словенија каде што може да се купи двојно поголема количина дизел.
Мирјана Јовеска
