Вести Македонија Топ вести

Депонијата кај Арачиново чади со денови – жителите се гушат, а надлежните ветуваат решение

Кога ќе влезете во Општина Арачиново забележувате чад кој се шири од зелените површини кон куќите. Ако продолжите да го следите, ќе стигнете до излезот на населеното место и ќе завршите во депонија која чади со денови. Пред влезот во депонијата има рампа и камери, а внатре десетици кучиња. Внатре низ депонијата се движеше и еден човек. Непријатна миризба, чад и инсекти, ова се чувствуваше внатре во депонијата.

Депонијата во Општина Арачиново чади со денови. Густиот чад оди директно кон куќите. Жителите велат дека стравуваат за здравјето

Жителите за овој проблем немаа храброст да зборуваат пред камерите, но зад нив гласно коментираа дека воздухот е постојано загаден од депонијата која постојано гори и велат дека сметаат дека тоа влијае негативно врз нивното здравје. Ги повикаа надлежните да делуваат.

По одговори за овој проблем се упативме во Општина Арачиново, но оттаму нè препратија во комуналното претпријатие. Директорот во одговор за Телма вели дека веднаш го пријавиле чадот до надлежните институции.

„Беа информирани пожарникарите кои интервенираа три до четири пати, со цел локализирање и гаснење на пожарот. Паралелно, екипите на ЈКП „Амбиенти“ – Арачиново работат на терен со механизација за отстранување и покривање на отпадот, со цел целосно да се спречи повторно ширење на чадот. Постојат сомнежи дека пожарот е предизвикан од несовесни лица кои намерно предизвикуваат штета. За случајот е информирана и Полициска станица Арачиново, од каде што редовно се вршат патроли во околината на депонијата“, ни изјави Арменд Рамадан, директор на ЈКП „Амбиент“ – Арачиново.

Од центарот за управување со кризи велат дека веќе одржале состанок и договориле во иднина да има служба за 24-часовно дежурство, бидејќи има зачестено потпалување на депонијата.

„По пријавите за пожар на депонијата кај Арачиново, Центарот за управување со кризи одржа координативен состанок со градоначалникот на Општина Арачиново, претставници на надлежните јавни претпријатија и полициската станица. На состанокот беше разгледан проблемот со зачестеното потпалување на депонијата, при што е договорено да се воспостави служба за 24-часовно дежурство“, информираат од Центарот за управување со кризи.

Граѓаните загрижени. Очекуваат итно да се реши проблемот, затоа што како што велат гори повеќе од пет дена, а никој не презема ништо. Сметаат дека чадот се шири насекаде во зависност од ветерот. Надлежните, пак, смируваат дека се работи на решение на проблемот.

Од „Зелен Хуман Град“, исто така, ги повикаа надлежните институции да се фатат за работа и итно да го решат проблемот.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе