Низа материјални докази, меѓу кои и аудио записи од повици на СОС линијата 112, презентира обвинителството на денешното рочиште во судскиот предмет против Стојанче Јовановски кој е обвинет за наведување на сопругата Ивана на самоубиство. Обвинителката Адела Бојчевиќ уште на почетокот предупреди на вознемирувачка содржина и апелираше на внимателно информирање за да се избегне дополнителна виктимизација.
Првиот запис е од 29 јуни во 2025 година во 21:20 часот. Ивана Јовановска со викање се јавува во полиција, на 192, и вознемирено кажува дека сака да го пријави сопругот кој ја тепа. Во повикот објаснува дека се наоѓа во Чаир, но не ја знае адресата и бара да ја најдат по локацијата на телефонот. Операторот ја упатува по локација да се јави на 112“, рече обвинителката и ја пушти аудио снимката.
Наредниот презентиран аудио запис беше од 29 август во 2025 година, регистриран во 13:53 часот. Во улога на пријавувач е Љубица Стојановска, мајка на Ивана, која објаснува дека ќерка ѝ е во бракоразводна постапка и дека отишла да земе некои работи од станот, но оти таму бил сопругот Стојанче. Таа му вели на операторот дека не може да ја добие Ивана и многу е загрижена.
Во судницата беше презентиран и аудио запис од сведокот Ивана Белчева од 19 декември во 2025 година во 13:02 часот. Таа се јавува на 192 и пријавува дека во паркот кај Ѓорче Петров, татко тепа мајка пред дете. Ги моли полицајците што побрзо да дојдат.
Беше презентиран и аудио материјал во кој пријавител е Цветанка Јовановска, мајка на Стојанче, од 20 декември во 2025 година, регистриран во 19:05 часот.
„Овде цело време се слуша Катја како гласно плаче. Плачењето на девојчето е толку гласно што Цветанка не се слуша што зборува. Катја силно плаче и вели „ќе ја убие мама“. На прашање на операторот што има таму, Цветанка одговара обид за убиство. Катја го засилува плачот и викањето и со силен глас вика „татко ми ќе ја убие мајка ми“. Цветанка пријавува дека детето е многу потресено и го зела детето со себе. Додава дека и детето е тепано, удирано. Катја низ плач вели „и мене ме удри, и мене ме удри“, рече обвинителката и го пушти аудио записот, кој беше исклучително вознемирувачки.
Во аудио запис од 10 февруари во 2026 година, Стојанче ја пријавува Ивана за семејно насилство. Тој тврди дека сопругата го малтретира и не го пушта од дома.
Наредниот аудио материјал што беше презентиран беше од утрото во критичниот ден, 2 март во 2026 година. Пријавител е Ивана Јовановска.
„Се слуша само како Ивана и Стојанче се расправаат на висок тон. Стојанче вели „Кажи ја вистината“. Во еден дел е неразбирливо, па Ивана му вели дека ја кажува вистината“, рече обвинителката.
И во следниот презентиран запис пријавителка е сега покојната Ивана Јовановска. Пријавата е, исто така од критичниот ден (2 март 2026 година) во 11:25 часот.
„Се слуша расправија, викање меѓу Ивана и Стојанче. Ивана го прашува „зошто ми се закануваше сега бе“?, а Стојанче ѝ вели „сакаш ли да те однесам во станица да пријавиш“ и се слуша како ја удира Ивана. Во еден момент Стојанче ѝ вели „ќе ти го уништам животот“. Ѝ вика на Ивана, „ниту Катја ќе ја видиш, ништо нема да видиш. Ако сакаш пријави ме, кај сакаш оди. Ќе лежам во затвор, ќе излезам“. Потоа ѝ вели „подобро убиј ме“. И пак го повторува истото. Потоа ѝ вели „друго немаш избор, памти ми го ова“, рече обвинителката, по што го пушти исклучително вознемирувачкото аудио, снимено неколку часа пред самоубиството на Ивана.
Одбраната реагираше дека на снимката се слушаат тројца. Обвинителката додаде дека на крајот од снимката се слуша како Стојанче вели „ќе ве тепам и тебе и него“.
Обвинителката потоа презентираше уште една пријава од Ивана Јовановска од критичниот ден во 12 часот.
„Ивана се јавува на 192 и кажува дека сака да пријави семејно насилство. Таа е вознемирена и на раб е да заплаче. Кажува дека се наоѓа пред судот и дека пред малку разговарала со полициски службеници на кои им рекла дека не сака да пријави, ама сега сака да пријави. Рече дека сопругот Стојанче е со неа. Додава дека е на паркинг кај Судска палата и ако може полицијата побрзо да дојде“, рече обвинителката.
Последниот прикажан аудио запис е што беше пуштен во судницата е од критичниот ден, кога Стојанче бара да се викне брза помош.
„Пријавител е Стојанче Јовановски, на 2 март 2026 година во 14:04 часот. Стојанче, многу вознемирен, низ викање бара да се прати брза помош на „Теодосиј Гологанов“ број 96, каде, како што вели, жена со мало дете се фрли од балкон“. „Ве молам, мало дете“, повторува, „ве молаааам”“, рече обвинителката и го пушти записот на кој се слуша како Стојанче вика брза помош и многу силно вреска.
Рочиштето продолжува со презентирање видеоснимки.
