Истекуваат последните часови од најновиот ултиматум кој го постави претседателот на САД, Доналд Трамп до властите во Техеран да ги прифатат неговите барања – односно пред се да овозможат нормализирање на поморскиот сообраќај за нафтата и гасот преку Ормутскиот теснец.
Во уште една хаотична и контрадикторна објава на социјалните мрежи, толку типична за него, Трамп истовремено се закани дека цела цивилизација ќе умрела вечерва, иако тој наводно тоа не сака да се случи, но и изрази надеж дека можеби нешто позитивно ќе се случи, пред да заврши со порака Бог да го благослови големиот ирански народ, истиот тој чија цивилизација се закани дека ќе ја уништи.
Но, ова е само продолжување на трендот на закани од шефот на американската држава, дали преку социјалните мрежи дали со изјави на прес конференции.
Тој веќе неколку пати најави бомбардирање на електричните централи, мостовите и енергетската инфраструктура на Иран, цивилни цели кои според Женевската конвенција најчесто се третираат како воени злосторства.
Во текот на викендот објави и порака со исклучително вулгарен јазик, повторно со истите закани.
Иранските власти го повикаа својот народ да се собере на локациите кои Трамп најави дека ќе бидат бомбардирани и повеќе стотици луѓе одговорија на повикот.
На повеќе мостови веќе се распоредуваат иранските жители, додека слични живи штитови се формираат и околу електричните централи.
Дека Иран овој пат ќе попушти пред заканите на Трамп е речиси неверојатно а што ќе направи Трамп по истекот на ултиматумот во 2 часот по полноќ по средноевропско време останува да се види.
Но нападите против цивилната инфраструктура, под изговор дека неа ја користат непријателите на еврејската држава, не претставуваат проблем за Израел и екстремно десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху.
Овој пат Израел не губеше време и по заканите на Трамп веќе започна да ги напаѓа мостовите, железницата и пошироката енергетска инфраструктура на Иран, вклучувајќи го и најголемото гасно поле во светот – Јужен Парс.
Ова го правиме за да му помогнеме на иранскиот народ да се ослободи од режимот, тврди Нетанјаху, кој за уништувањето и огромните цивилни жртви во Газа од меѓународниот кривичен суд е осомничен за воени злосторства и за него е издаден налог за апсење.
„Овие операции, кои ги одобрив заедно со министерот за одбрана (Израел Кац), не се наменети да го нападнат иранскиот народ. Напротив, тие имаат за цел да го ослабат и скршат режимот на терор кој ги угнетува веќе 47 години“ – изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Истовремено, Исламската Револуционерна Гарда порача дека од почетокот на војната до сега таа прикажала исклучителна воздржаност и посветувала значително внимание при изборот на цели за напаѓање.
Отсега натаму, таа воздржаност повеќе нема да се применува, тврди гардата, заканувајќи се дека доколку Соединетите држави ја преминат црвената линија, иранскиот одговор ќе посегне многу подалеку од регионот.
Никола Илиевски
