Полицијата му поднесе кривична пријава на градоначалникот на Струга,Менди Ќира за несовесно работење во службата. Истрагата го товари дека нелегално го назначил Меџијаит Јусуфоски за директор на Водовод и канализација иако немал соодветни документи. Јусуфоски си поднесе оставка по три месеци извршување на функција откако водата во струшкиот водовод беше забранета за пиење и беше полна со кал. Струшката полиција сега смета дека градоначлникот воопшто не требало да го постави Јусуфовски за директор.
„На 18.11.2025, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно од Законот за јавни претпријатија, донел одлука за именување на вршител на должност директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга, со која го назначил М.Ј. од Струга и покрај тоа што знаел дека нема соодветно образование и соодветен сертификат за познавање на англиски јазик и не исполнува повеќе услови од Законот јавни претпријатија“, соопштија од МВР.
За избор за директор на Јавно претпријатие потребно е да се има 240 кредити од универзитетско образование или завршен 4-годишен факултет, како и да се има сертификат за англиски јазик, меѓу кои и е дозволен и ТОЕФЛ- сертификат кој многу функционери си го купуваа во Бугарија или Албанија, но одговараа само неколку, а не сите фатени. Јусуфовски немал лажен сертификат, но немал ниту вистински ТОЕФЛ за англиски јазик, а МВР во соопштението наведува дека со трите директорски плати, осомничениот градоначалник „му овозможил противправно да оствари парична корист“. Јусуфоски инаку е вработен во струшкиот Водовод со долготраен стаж и искуство од над 4 децении.
Телма ја контактираше општина Струга и од нас дознаа за пријавата за градоначалникот Ќира. Најавија реакција за случајот.
-Кривичната пријава против градоначалникот на Општина Струга повеќе наликува на очајнички обид за создавање политичка бучава, отколку на вистинска загриженост за законитоста, Да бидеме јасни: назначувањето на Меџаит Јусуфоски како вршител на должност е направено во согласност со законот, како внатрешно и итно решение, во момент кога ЈП „Водовод и канализација“ беше на работ на колапс. Некој мораше да го преземе кормилото и тој го направи тоа, стои во реакцијата на Ќира.
Меџијаит Јусуфоски на 12.02.2026. поднесе оставка од функцијата в.д. директор на ЈП „Водовод“ Струга, пет дена по хаваријата на изворот „Шум“, кога од чешмите потече каллива вода. Поради сериозното загадување, водата беше целосно забранета за употреба и прогласена за технички неисправна. Јусуфоски тогаш кажа дека ова е еколошка катастрофа, а тој иако е 43 години вработен во претпријатието, не памети ваква состојба и поднесе оставката од морални причини
Еден ден подоцна, Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување на евентуални кривични дела против животната средина и природата. Во рамки на истрагата, на терен беа затекната механизација на две фирми од Велешта кои вршеле ископ и транспорт на карпи во близина на изворите, по што им беше изречена забрана за понатамошни активности.
Стручните анализи и теренските увиди на експерти од Градежниот факултет во Скопје, ангажирани од општината, покажаа дека изворот е сериозно загрозен од човечки активности.
Дополнително, вонредниот инспекциски надзор утврдил дека ЈП „Водовод“ со години го користело изворот „Шум“ без соодветна дозвола и без обезбедена основна заштита.
Едномесечниот прекин на чиста вода во Струга ги разоткри сите проблеми во водоводниот систем, сомнежи за нелегален ископ во близина на изворот Шум, но и милионски долгови на јавното претпријатие, нефункционална механизација, недостиг на кадар и големи загуби на вода.
Миомир Серафиновиќ
